Собранието ја започна својата 112-та седница со единствена точка на дневен ред: Разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и осомничена за случајот „Рекет“, јавува МИА.
На седницата присуствуваат пратеници и од владеачкото мнозинство и од опозицијата. Претходно, на 5 септември, Комисијата за избори и именувања, зад затворени врати, едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.
На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. Бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.
ЦИВИЛ Медиа објави хронологија за настаните поврзани со случајот „Рекет“, а колумнистите на оваа медиумска платформа повеќе пати ја алармираа јавноста дека називот „Рекет“ е погрешен и дека се работи за случај на корупција и злоупотреба на функциите и измама.