За пошумување на опожарените подрачја над велешкото езеро „Младост“ Владата планира првично да издвои сума од 10 милиони денари, а од 150-160 милиони денари за период од шест–седум месеци. ЈП„ Македонски шуми“ веќе ги има садниците и со свои екипи го расчистува опожарениот теран и врши подготовки за садење.
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на фабриката „Маркарт“, рече дека околината на велешкото езеро „Младост“ е во фокусот заради, како што појасни, неговото значење за развој на туризмот. Тој информира дека за ова прашање вчера се состанал и разговарал со директорот на ЈП „Македонски шуми“ и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Најави дека планира наскоро да дојде и да засади дрвце над Велешкото езеро и како што посочи да биде пример и за останатите во акцијата за пошумување на опожарените површини.
Тој посочи дека процесот на пошумување на сите опожарени места во земјава е многу сериозен и бара многу средства, но оти Владата ќе ги изнајде сите потребни ресурси.
-Ние во МЗШВ отвараме и посебна програма само за шумите и развој на шумарството и верувам дека сето тоа ќе значи побрз импакт на враќање на зелениот фонд на државата, појасни Заев.
На прашање дали Владата ќе помогне за опремување на ТППЕ во земјава со возила и опрема за гасење, премиерот Зоран Заев најави дека веќе разговараат со компании и кредитори за набавка на противпожарни и возила за брза помош.
извор: МИА