Министерството за здравство информира дека попладнево се дијагностицирани шест лица позитивни на коронавирус. Со ова вкупната бројка на регистрирани пациенти позитивни на Ковид-19 во земјата е 76.
Во текот на денов, потврдени се и двајца сопружници од Кавадарци – позитивни на вирусот, а во процес на тестирање е уште едно лице од Кавадарци кое нема поврзаност со другите два случаи.
*
Се подготвува посебен план за хуманитарни летови за граѓаните кои се затекнати во други држави, но по враќањето во земјава тие ќе треба да поминат соодветен број денови во карантин, напиша вечерва премиерот Оливер Спасовски на својот официјален Фејбук профил, информирајќи за одлуките донесени на денешната владина седница.
*
По три дена преговори на амбасадорско ниво меѓу земјите членки, доцна вечерва е постигната начелна согласност во Европската Унија за зелено светло за старт на преговори за Северна Македонија и Албанија идната недела, јавува дописничката на МИА од Брисел.
И покрај драматичната криза низ која поминува ЕУ овие недели со коронавирусот, преговорите со Албанија и Северна Македонија останаа високо на агендата оваа недела.
*
Информатичар во Одделот за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи е позитивен на коронавирусот, изјавуваат од МВР.
*
Владата донесе Одлука да се продолжи важноста на патните исправи и личните карти, чиј рок на важење е истечен.
*
Владата донесе Одлука за замрзнување на цената на лимоните, портокалите, мандарините, грејпфрутот и клементините.
*
Работничките од штипските конфекции ги сошија првите 1.000 заштитни маски. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска посети две текстилни фабрики, каде што е почнат процесот на шиење.

–Бев во две текстилни фабрики лично да се заблагодарам на сопствениците и секако на текстилните работнички и работници кои покажаа висока свест преку нивната секојдневна работа да помогнат на докторите, полицајците, пожарникарите, пензионерите, граѓаните. Веќе од денеска започнуваме со распределба по нашите институции, вели Бочварски.
*
Директорите на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје проф. др. Виктор Исјановски и дипл. екк. Бесим Кока, се откажуваат од платата за месец март, информираат од оваа здравствена институција. Средствата, како што појаснуваат ќе бидат пренаменети за потребите на Службата за Итна медицинска помош која во овој кризен момент е прва линија за помош на сите наши корисници на здравствени услуги.
*
Граѓаните одговорија совесно на повикот на Министерството за здравство за консултации со специјалистите на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје за психилошка подршка во денови на настанатата здравствена криза и вонредна состојба.
Директорот на клиниката, Стојан Бајрактаров, изјави за ЦИВИЛ Медиа дека голем е бројот на граѓани кои се јавуваат на објавените телефонски броеви и до сега ситуацијата е стабилна и нема знаци на поголем страв или друг психолошки товар.
*
Џевдет Хајредини поентира: „Како последица од појавата на Ковид-19, наскоро не мал број граѓани ќе останат без работа и без пари. Со цел на оваа категорија да ѝ се помогне, банките и некои поголеми приватни компании потребно е, во знак на нивната општествена одговорност, еден дел од добивката да ја отстапат за оваа намена.“
Дехран Муратов
Дневник во 17 часот: