ВЕСТ НА ДЕНОТ: Стејт департментот го доби оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување
Шпанскиот амбасадор во САД, Сантиаго Кабанас, синоќа во Стејт департментот се сретна со заменик државниот секретар Филип Рикер и го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО. Документот неделава беше изгласан во Сенатот и потпишан од кралот на Шпанија Фелипе Шести.
Претседателот Стево Пендаровски штотуку го потпиша „Инструментот за пристапување“ на Република Северна Македонија кон Северноатлантскиот договор, откако пред неколку часа генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Јенс Столтенберг со писмо го извести премиерот Оливер Спасовски дека сите 29 сојузници го ратификувале протоколот за пристапување на земјата. Депонирањето на пристапниот инструмент во Стејт департментот формално го означува почетокот на македонското членство во НАТО.
„Во име на сите земји членки, чест ми е да Ве известам и да Ви ја упатам поканата да се придружите на Северно-Атлантскиот договор“, пишува во писмото до премието Оливер Спасовски, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, соопшти владината прес-служба.
За писмото денеска преку својот Фејсбук профил информираше и Спасовски. – НАТО и формално нè извести дека сите сојузници завршиле со ратификација на протоколот за наше членство.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ДЕН 2
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес –конференција во 15 часот изјави дека вкупно тестирани на корона вирусот денеска се 43 лица, од кои три се позитивни, што значи вкупниот број заболени во државава е 70. Бројот на пациенти ќе расте, процени министерот.
Сите пациенти се со стабилна клиничка слика, лесна до средна, освен пациентката што се наоѓа на механичка вентилација на Клиниката за инфективни болести е во критична фаза. Филипче посочи дека од тројцата потврдени случаи денеска, една пациентка патувала во Србија, втора пациентка е бабата на четиригодишното дете заболено од корона вирус, и уште еден пациент од Скопје.
„Заболени од корона вирус има во Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид“, додаде Филипче.
„Редовно и точно ја информираме јавноста. Ова го правиме од привот ден и така ќе продолжиме… Информираме тогаш кога ќе бидат потврден точниот број на позитивни, односно негативни тестови. Сметаме дека ова не време за ексклузивитет и дека тука нема време и место за сензационализам. Бројот на заразени пациенти ќе продолжи да расне. Тоа ние го очекувавме. Тоа се најавите и од сите земји каде што е во развој бројот на пациенти и болеста“, истакна министерот на прес конференцијата во 15 часот.
*
„Дозволете да разговарам со Фондот за здравствено осигурување и да го решиме и овој проблем“, одговори министерот за здравство Венко Филипче на прашањето што го постави ЦИВИЛ Медиа во врска со трошоците за лекување од корона вирусот на оние лица што се надвор од системот за здравствено осигурување.
Во Северна Македонија има луѓе кои работат хонорарно и имаат примања, но не се во системот на здравственото осигурување, а не се пријавени ни во АВРМ. Дали тие треба да ги платат здравствените услуги поврзани со корона вирусот приватно или услугите за нив се бесплатни? – беше прашањето што го постави ЦИВИЛ Медиа.
Неофицијално, дознаваме дека ставот на надлежните е дека здравствените услуги на јавното здравство, поврзани со корона вирусот, би требало да бидат бесплатни. Но, за конечниот одговор на прашањето, како што кажа министерот Филипле, ќе дознаеме по неговиот разговор со ФЗО.
ЦИВИЛ Медиа прашањето го постави и до ФЗО, а по добиениот одговор дополнително ќе ја информира јавноста.
*
„Живееме во тешко време кога сите заедно делиме иста мака и сме исправени пред предизвикот заеднички да се избориме. Затоа, уште еднаш Ве повикувам сите Вас на одговорност, на заедничка акција и солидарност. Само заедно, сплотени, може да се избориме против корона вирусот“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ во видео обраќање до јавноста
*
Граѓаните од понеделник ќе можат да пријават непочитување на препораките од Владата за заштита од коронавирусот на бесплатната линија 191. Секој граѓанин ќе може да пријави доколку забележи угостителски објекти кои работат или, пак, зголемување на цените на основните производи.
Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, веднаш по пријавувањето екипи на Државниот пазарен инспекторат ќе се упатат на терен за да ја утврдат состојбата.
*
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на негово барање, вчера и денес имаше телефонски разговори со своите колеги, министрите за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, Албанија, Гент Цакај, Бугарија, Екатерина Захариева, Црна Гора, Срѓан Дармановиќ и Австрија, Александер Шаленберг. Во фокусот беше олеснување на процесот на поврзување (интерконективноста) меѓу земјите во периодот на кризата, со крајна цел, помош на граѓаните.
Заеднички беше констатирано дека ќе се вложат максимални сили за справување со предизвиците со кои се соочува светот заради панедемијата, со главен фокус на обезбедување непречен транспорт на стоките и враќање на затекнатите граѓани низ светот, во матичните земји.
ФЛЕШ ФЕСТИ
Државната изборна комисија на 66 јавна седница, согласно Роковникот утврден, за сега веќе одложените, предвремени парламентарни избори имаше една точка на дневен ред: разгледување и поднесување на листа на кандидати за политичката партија „Твоја партија“.
„Со оваа одлука се утврдени 15 кандидатски листи што ќе бидат на наредните вонредни или не знаеме какви парламентарни избори. Јас се надевам дека надлежните навреме ќе донесат одлука што ќе не упати како да постапуваме понатаму. Сè до тој момент ДИК, колку да се допаѓало некому или не, ќе си ги извршува своите законски овластувања“, изјави Оливер Деркоски, претседател на ДИК, на крајот од седницата.
*
Економскиот оддел на ДПА, предводен од Бардул Даути на прес-конференција посочи предлози за подобрување на монетарната политика во земјата и подобрување на секторите погодени од ситуацијата со корона вирусот.
*
Прес-конференциите на Владата од денеска само на онлајн стрим, без присуство на сниматели и новинари заради превенција. Прашањата за прес-конференциите во текот на денот може да се испратат на [email protected] и на мејл адресата на портпаролот/лицето за односи со јавност на ресорното министерство, со нагласување на медиумот од кој доаѓа прашањето и назнака за која прес-конференција односно за кој министер/министерка (претставник на институција) се однесуваат.
*
Часот на планетата Земја соопшти дека ги откажува сите јавни закажани настани согласно одлуките на Владата за заштита и превенција на ширењето на коронавирусот, и повика акцијата за исклучување на светилки, граѓаните од улиците да ја пренесат во своите домови.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Скен – политички видео магазин: Црна пропаганда: Закана за демократијата
Граѓаните постојано се бомбардираат со лажни вести и дезинформации. Оваа издание на СКЕН политички видео магазин го посветивме на лажните вести што служат како масовно политичко оружје, особено во политичките кампањи што се водат по социјалните мрежи.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Стратегијата на „капка по капка систем“ во ширењето на лажни вести, колку што е одвратна, толку е и опасна за менталното здравје на нацијата, особено во вонредни ситуации, каква што е оваа во која сега се наоѓаме. Во такви општествени состојби, јавноста има ескалирани чувства на страв, несигурност, збунетост, сомневање, и е податлива цел за секакви манипулации и ширење злобни гласишта“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Пропагандни дибеци на прес-конференции“
Биљана Јордановска