Во период од 4 дена, од вторникот до вчера, судовите во земјава изрекле 12 казни за луѓето што не ги почитувале мерките за изолација во висина од 27.000 евра. Ова е епилогот за речиси третина од поведените постапки на обвинителствата, барајќи да се изречат 37 казни од 81.000 евра, покажуваат збирните податоци на Јавното обвинителство. Најмногу од барањата на обвинителствата или 33 се за прекршување на мерката за изолација, а 4 се однесуваат за сопственици на ресторани и кафулиња кои не ги затвориле објектите и продолжиле да работат, наспроти препораките на Владата. Најчестата изречена казна е 2.000 евра, а највисоката од 4.500 евра е за лекар од општата болница во Кавадарци, чија ќерка се вратила од Италија и требало цело семејство да останат во домашна изолација. Наместо тоа, лекарот продолжил да оди на работа. Најголемо непочитување на мерките за заштита и изолација има во Кавадарци, Прилеп и Скопје. Токму поради непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, Владата на вчерашната седница донесе одлука за спроведување на поригорозни мерки, според која „сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, а трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка“.
П.К.