Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, објави дека апликацијата „Стоп корона“ е достапна за преземање на мобилните телефони.
Како што кажа Манчевски станува збор за софтвер кој овозможува детекција на контактите на заболените лица во близина и до два метри.
„Апликацијата дава брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во близина во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување“, рече Манчевски, додавајќи дека за да биде успешен проектот апликацијата треба да биде колку што е можно помасовно искористена.
Министерот потенцираше дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи локација ниту име и презиме на оние коишто ја користат.
„Функционира на анонимизирани кодови, кои се генерираат за секој граѓанин при нејзиното активирање. Ако два уреда со инсталирана апликација се најдат во непосредна близина, во апликацијата се евидентира кодот на апликацијата инсталирана на уредот кој е во наша близина и времето кога тоа се остварило“, појасни Манчевски.
Единствен податок што го бара апликацијата е мобилниот број на корисникот, а корисникот ќе добие СМС код, додаде Манчевски. Тој вели дека и Агенцијата за заштита на лични податоци даде позитивно мислење.
Министерот за здравство Венко Филипче побара масовно симнување на апликацијата бидејќи со тоа ќе им се помагаме и на здравствените работници и епидемиолозите.
„Ние сме во фаза кога го очекуваме пикот, и оваа апликација ќе им помогне на здравствените работници“, рече Филипче.
Апликацијата „Стоп Корона“ ја донираше компанијата Нексенс.
Д.М.












