НАТО формира тимови за борба со хибридни закани во Северна Мaкедонија и Црна Гора, откако лажните вести и дезинформации на Русија и Кина зедоа голем замав со кризата на пандемијата од корнавирус во Западен Балкан, изјави за МИА амбасадорката на САД во Алијансата, Кеј Бејли Хачинсон.
– Алијансата очекува од Скопје дополнителни информации за формирање на таков тим и за Северна Македонија, а чија цел е подготовка на медиумите во земјата како да ги одвратат кампањите на дезинформација од Русија, изјави амабасадрката на денешниот онлајн видео брифинг за новинарите во Вашингтон, потенцирајќи дека тимот во Црна Гора е веќе распореден.
Според амбасадорката, како најнова членка на НАТО, Северна Македонија е посебна цел на кампањата на дезинформации организирана од Кремљ.
*
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница реши да му достави предлог на претседателот Стево Пендаровски во кој се оценува дека за успешно справување со коронавирусот е потребна вонредна состојба во државата.
*
Владата на Република Северна Македонија, денеска донесе Уредба со законска сила за исплата на авторски хонорари за лица ангажирани во органите на државната власт (законодавна, извршна и судска), регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна или доминантна државна сопственот, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, соопштија од Прес-службата на Владата.
*
До сега се регистрирани вкупно 122 заболени здравствни работници, од кои седум се оздравени и вратени назад на своите работни места, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Има сосема доволно медицинска опрема и резерви, рече Филипче, и додаде дека Државниот санитарен инспекторат извршил увид во состојбата и подготвил извештај за тоа како таа се користи во соодветни делови и оддели на болници, според препораки и стандарди.
*
На уште 118 компании со 1.116 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 936.602 евра, соопшти Владата.
Во првата и втората група се одобрени вкупно 254 кредитни апликации за вкупен износ од 2,2 милиони евра, на компании со вкупно 2.853 вработени. По структура, од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до десет вработени учествуваат со 69 отсто, малите компании до 50 вработени учествуваат со 28 отсто, а средните компании до 250 учествуваат со 4 отсто.
*
Работодавците согласно членот 112 од Законот за работни односи додека се во сила мерките од Владата за справување со корона вирусот на работниците може да им исплатат надоместок на плата во висина од 50 проценти – во случај на отсуство од работа поради виша сила или 70 проценти во случај на прекин на работниот процес од деловни причини – принуден одмор.
*
По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, заклучно со денеска во организација на Министерството за надворешни работи е направена репатријација на 3.032 наши државјани.
*
Воспоставувањето на вонредната состојба од страна на оваа и ваква Влада и преземањето на законодавната власт од истата ја уништи секоја шанса за контрола над управувањето со државата, за критика и за воспоставување на правните процедури за справување со исклучително тешката ситуација“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Дискретниот шарм на патријахалниот авторитаризам“.
Дехран Муратов
Во соработка со Маја Ивановска