Шефот на Одделот за респираторни вируси при Светската здравствена организација (СЗО) Ричард Пибоди изјави дека по оздравувањето од Ковид-19 кај тоа лице може да се најдат траги од коронавирусот.
„Знаеме дека луѓето се најзаразни од кога ќе почнат да ги покажуваат првите симптоми. А откако ќе оздрават, кај тие луѓе можно е да се откријат траги од вирусот, но преносливоста во тој момент, веројатно е значително помала. Луѓето се најзаразни непосредно пред или за време на развивањето симптоми“, изјави тој за хрватската емисија „РТЛ Директ“.
„Она што е клучно е луѓето да ги намалат контактите со другите луѓе, посебно кога развиваат симптоми, да внимаваат на своето здравје и редовно да ги мијат рацете“, истакна Пибоди.
Тој потенцира дека за секоја држава е многу важно случаите на зараза да се истражуваат, тестираат, следат и изолираат, а на нивните контакти да им се одреди мерка за самоизолација.










