ВЕСТ НА ДЕНОТ: Три години од крвавиот четврток
Поминаа три години по насилниот упад во Собранието, кое се случи на 27 април. Нападот во Собранието се случи додека актуелното владејачко мнозинство го избра Талат Џафери за нов претседател на Собранието.
Од повеќето обвинети само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.
Петнаесетмина од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија пет пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер, Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.
Истрагата за поранешниот премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во азил во Будимпешта, како и ексразузнавачот Никола Бошковски како дел од организаторите на крвавиот четврток е запрена, додека не станат достапни на органите за прогон.
Судењето за организаторите на насилствата се уште е во тек, а во овој предмет обвинети се и Трајко Велјаноски, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Николовски: Сè уште е рано за избори, за СДСМ на прво место е здравјето на граѓаните
„Сметаме дека се уште е рано за избори и се уште е рано за лидерска средба кај претседателот Пендаровски. Во овој момент целосно сме посветени, целосно ги поддржуваме надлежните институции во борбата против оваа пандемија, против корона вирусот. Прво мора да се стави под контрола па потоа, кога општеството и државата ќе бидат подготвени да разговараме и за самите избори“ изјави Николовски на денешната прес-конференција.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Во изминатите 24 часа направени се 289 тестирања, а потврдени се 13 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-4, Куманово-5, Прилеп-2 и Тетово-2. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 1.399 пациенти.
*
Институтот за јавно здравје регистрира 53 оздравени пациенти од коронавирус. По градови: Скопје 25, Куманово 13, Прилеп 5, Струга 1, Битола 4, Охрид 1 и Кочани 4.
*
Починаа 4 лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица, 58 годишна пациентка од Желино (Тетово) примена на клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81 годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. И двете пациентки страдале од висок крвен пристисок. Во ГОБ „8 септември“ почина 1 лицe од Куманово на возраст од 47 години, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и пациент од Битола кој се лекуваше во болницата во Битола. Пациентот бил на возраст од 66 години и во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза.
*
Министерот Венко Филипче најави дека Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести денеска до Владата ќе поднесат предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема – маска или прекривка на устата и носот во насока на заштита од ширењето на корона вирусот да почне веднаш истиот ден или најдоцна во вторник. Констатирано дека голем дел од граѓаните или не користат заштитна опрема или неправилно ја користат.
*
Лекувањето со крвна плазма на заболени со КОВИД-19 кај нас ќе започне од утре. Во болницата „8 Септември“ ќе започне лекување на овие болни со озонотерапија, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска на својот фејсбук профил потсети на случувањата во Собранието на 27 април со порака да не се заборават и да не се повторат.
„Поминаа три години од крвавиот четврток – 27 април, кога за својот живот во Собранието се бореа пратеници, новинари, вработени во Законодавниот дом. Сценарио креирано со цел ВМРО-ДПМНЕ да ја задржи власта, во кое требаше да бидат убиени луѓе, да предизвикаат војна, да ја уништат иднината на државата. Да не го заборавиме и да не дозволиме никогаш да се повтори!“, напиша Заев на фејсбук.
*
„Денеска се сеќаваме на најмрачниот ден во поновата историја на нашата држава. На 27 април 2017 година, со монструозна намера и со насилство беше организирана и спроведена злосторничка акција од лидерите на тогашната владеачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции“, напиша техничкиот премиер Оливер Спасовски.
*
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) соопшти дека денеска се поднесени тужби од новинари за нападите врз нив во случувањата во Собранието на 27 април пред три години.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Официјално, сите изјавуваат, политички коректно, дека во оваа кревка здравствена ситуација никој не размислува за избори. Убаво, им порача Пендаровски, ако е така, да, ќе има лидерска средба – за едно три недели! До тогаш…“, пишува Сашо Ордановски во денешната колумна – Демократија без Собрание?
*
„ За да не се заборави никогаш, потребно и корисно е, од време на време, да се повтори што и како ВМРО и ДУИ работеле освен што ја заробиле државата“, поентира денеска Џевдет Хајредини.
*
„ Ретко кој можеше да замисли дека за време на протестите по изборите во 2016 година – од чие насилништво, од примитивизмот, злобата и подлите лаги на нормален човек му се превртува утробата – се планира нешто далеку помрачно. На 27 април 2017 година – теледиригираната толпа, меѓу кои имаше криминалци, тепачи, маскирани полицајци, шпиони, радикали, „водоносци“ и неодговорни уметници и јавни личности со помрачен ум, го нападнаа Собранието“, пишува Џабир Дерала во денешниот рафал – Крвава пресметка со демократијата.
*
„Многу би сакал да имаме и една нормална македонска опозиција со која заедно ќе ја критикуваме власта за да ја поправиме, како што правевме тогаш кога сегашна власт беше нормална македонска опозиција. Сега, од време на време, во нашата критика и опозиционерството (на кое сме осудени по професија) ни се приклучува само албанската опозиција со таа сила која ја имаат (по 2-3) пратеници“, пишува Арбен Зекири во колумната – 27 април, траумите сѐ уште алармираат.
Маја Ивановска
во соработка со Дијана Тахири и Дехран Муратов