Со празни столици поставени на централните плоштади во различни градови низ Грција, Грчката федерација на угостителски и сродни професии, вечерва ќе учествува во европските симболични протести под наслов „Empty chairs“ (празни столици), за да побара ефективни решенија за да преживее конкретниот сектор.
Централниот настан е закажан за 20 часот на плоштадот Синтагма во Атина, што ќе биде, како што најавуваат организаторите, „нем симболичен чин на оние чии бизниси се поврзани со угостителството и забавата“.
Според најавите, претставници на Федерацијата ќе постават празни столици, без присуство на вработените и сопствениците од конкретниот сектор.
Рестораните и кафулињата во Грција, планирано е да се отворат на 1 јуни, но само надворешните делови.
За подготовките за укинување на ограничувањата во угостителството, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера одржа состанок преку видеоконференција со надлежните министри, со претседателот на Сојузот на општини, како и со градоначалниците на Солун и Атина, а станало збор за потребата да се задржат работните места и да се зголеми просторот за поставување маси, но само за конкретниот период и без зголемување на општински такси.
Мицотакис рече дека доколку епидемиолошката ситуација во земјата се движи во иста насока како и досега, тогаш е апсолутно изводливо отворањето на 1 јуни, но под веќе поставените предуслови.












