ЦИВИЛ Преку соопштение, ЦИВИЛ им го честиташе Денот на полицијата, 7 Мај, на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, со признание и благодарност за вложените напори во исклучително тешкиот период за сите граѓанки и граѓани. Наспроти сите предизвици и слабости, полицијата успева да ја извршува својата основна функција во служба на јавниот интерес и националната безбедност, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
ДИК „Политички притисок надвор од закон не признавам. Веќе медиумски се врши притисок на Комисијата, особено конкретно на мене преку одредени изјави. Јас не обрнувам внимание на тие изјави, едноставно го читам законот, не ме интересира ништо затоа што тие што даваат политички изјави сега, најверојатно нема да се грижат за мене во некое идно време доколку се покрене прашање на одговорност“, изјави претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
ОСТАВКА СДСМ преку соопштение побара оставка од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев затоа што го загрозува здравјето и безбедноста на граѓаните. Оставката побараа и за непостапување при настан во Струга, за нападот врз новинар и чадната бомба во Скопје.
КОРОНА Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека денеска имаме еден скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го пратиме во следните денови за да видиме дали е случајност.
ИЗБОРИ Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во вечерашното гостување во емисијата „Патот кон“ на телевизија Алсат, истакна дека во средината на јуни е идеално за одржување на предвремените пармалентарни избори. Осврнувајќи се на законските рокови потребни на Државната изборна комисија за ажурираање на избирачкиот список, Заев рече дека на Комисијата и се потребни 21 ден по завржувањето на вонредната состојба.
ОБВРСКИ Талат Џафери, претседател на Собранието, пак, вечерва на емисијата Вин-Вин на ТВ Телма, изјави дека не може Државната изборна комисија да условува и дека е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала.
ЕУ ДЕБАТА Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната онлајн дебата на тема „Балканот во нова ера – преглед на хрватското ЕУ претседателство“, во органиција на бриселскиот тинк-тенк „Вилфрид Мартенс – Центар за Европски студии“ изјави дека можеби хрватското претседателство со Советот на ЕУ може да се нарече „виртуелно“ во логистичка смисла, но за нас како држава дефинитивно беше суштествено во политичка смисла.
ДОБРОСОСЕДСТВО „Очекувам во идниот период Бугарија да продолжи да биде искрен пријател на Република Северна Македонија. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема, изјави претседателот на СДСМ“, изјави денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев.