На вчерашната седница Владата донесе одлука од денеска да престане важењето на забраната за ограничено движење, а угостителските објекти да почнат да работат од утре. За угостителските објекти се прецизирани протоколи во зависност дали се затворени или имаат тераси.
Одлуката за попуштање на мерките е донесена врз основа на исполнети услови, анализа и стручно мислење на епидемилозите од Комисијата за заразни болести, како што изјави премиереот Оливер Спасовски на прес конференцијата на којашто се соопштија одлуките од седницата.
Комисијата за заразни болести е задолжена од Владата да направи прецизна проценка за отворање на границите и да подготви протоколи за влез и излез од земјава, како и за отворање на аеродромите. Одлуката за границите Владата ќе ја прави во координација со земјите од регионот.
На вчерашната седница Владата усвои и прецизен протокол за постапување при влез во земјава на сите македонски државјани. Задолжителелниот државен карантин за наши државјани кои од странство се враќаат со хуманитарни летови или со конвои се заменува со домашна изолација доколку при влегување на територијата на нашата држава приложат негативен ПСР-тест на КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се спроведени во објекти за државен карантин, исто така, отсега ќе може на свој трошок да направат ПСР-тест во објектот каде што се сместени. Доколку резултатот е негативен, лицето ќе биде упатено во домашна изолација.
Според претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Караџоски, не се очекува зголемување на бројот на заразени, иако може да има инцидентни случаи, како што беа во изминатите денови од разни свечености на кои не се почитуваа забраните за собирања, движење и за близок респираторен контакт.
Што се однесува до одржувањето на предвремените парламентарни избори, според министерот за здравство, д-р Филипче, тие може да се одржат и дека ќе се организираат со строго придржување кон мерките и протоколите и висока одговорност од граѓаните кон себе и другите.
На 30 мај завршува вонредната состојба во земјава, а до крајот на неделава се очекува уште една средба на партиските лидери кај претседателот на државата, за конечен договор за датум за избори. На минатите две лидерски средби не се постигна договор, а на маса се датуми во јуни, јули, август или септември.
Вкупниот број луѓе со потврден коронавирус во земјава вчера надмина две илјади, од првиот потврден случај на 26 февруари. Оздравени се 1453, 116 пациенти починаа, а активни случаи има 445. Полицискиот час беше воведен на 22 март, а целосен карантин на државно ниво имаше за време на неколку празници. Денеска е првиот ден без полициски час.
Д. Тахири












