Независниот академски синдикат (НАкС), кој реагира на постапката за избор на ректор на Скопскиот универзитет почната од актуелниот ректор Никола Јанкулковски, денеска до Владата достави барање за автентично толкување на Уредбата за примена на законот за високото образование за време на вонредна состојба. Барањето на НАкС содржи седум прашања со кои Синдикатот бара Владата да даде одговори за да го разјасни член 5 од Уредбата кој го уредува прашањето за избори на органи и тела на јавните високообразовните установи и за продолжување на мандатите во време на вонредна состојба.
Членот 5 од Уредбата со законска сила, која Владата ја донесе на седница на 23 март 2020, предвидува дека високоообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата за времетраењето на вонредната состојба не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им се продолжува за време додека трае вонредната состојба и дека установата е должна најдоцна од 30 дена од денот на престанување на траењето на вонредната состојба да започне односно да продолжи постапка за избор на органите и телата.
Според НАкС, вака поставеното правно правило е нејасно и непрецизно, а ова важно прашање Уредбата го решава на начин што повеќе отвора прашања отколку што нуди решенија. Затоа бара Владата, како донесител на Уредбата, да даде автентично толкување и да ја разјасни примената на член 5 од Уредбата или, пак, неа да ја измени и дополни за прецизно да се уредат овие прашања.
Проф. Маја Стевановиќ, член на НАкС, изјави за медиумите дека согласно Уредбата на Владата, не може да се одржуваат избори, да се отпочне или продолжува постапка за избор на органи, вклучително, ректор во време на вонредна состојба. Синдикатот ја чита Уредбата рече таа, врз основа на претпоставката дека Владата своите уредби ги носи водејќи сметка не само за здравјето и безбедноста на граѓаните, туку и водејќи сметка за демократичноста и легитимноста на самите изборни процеси.