- Двете соседни држави сè повеќе стануваат слични, пропорционално на предизвиците околу формирањето влада. Во Бугарија, рушењето на коалиционата влада во која е прогресивниот Петков и неговата „Продолжуваме со промените“ е дел од враќањето кон парасоветскиот модел од времето на Живков.
- А кај нас, рушењето на владите на Заев и сега на Ковачевски е враќање кон моделот на „буразерскиот ревизионизам“ на два националистички блокови, за кој се залагале своевремено албанските бегови и вмровските војводи во преговорите од предилинденскиот период и кои во последно време го засилуваат потпалувањето на огновите забележани пред повеќе од 150 години.
- Историски ревизионизам значи влез во старите историски читанки кои совремието одамна го има фрлено на ѓубриште. Во тој синхроницитет, медиумите на двете страни играат клучна улога. А присуството на црните листи од западните сојузници што ги има за двете страни и клучните актери на лошите политики е значајно за темата како показател за вратениот часовник тука и околу нас.
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
Кога во октомври 2013 година со колегата Васко Мицковски присуствувавме на трибина за слободното новинарство во Благоевград, дознавме за постојаните масовни демонстрации на граѓаните во Софија. Но, од 30-те бугарски ТВ канали што беа достапни во хотелот, само еден даваше редовни извештаи од политичкиот настан број еден. Тоа беше бугарскиот Евроњуз. Дури и фактот дека од тие протести имаше блокади секој работен ден после крајот на работното време до доцна во ноќта не беше доволно веста или не дај боже коментарите да добијат видливост. Масата на протестанти беше проценета на 300 илјади, што говори за речиси хистерично незадоволство и тоа од сите политички субјекти, кои никако да ја надминат блокадата на институциите и пречестото барање (безуспешно) на излезот преку нови и нови избори.
Дури и купувањето на грст дневни и неделни весници не помогна во барањето на нешто што делуваше како „колец во окото“ не помогна: бојкотот на општонародното незадоволство беше предмет на некаков уреднички колегиум од здружените медиуми во таа земја. Зад сето тоа несомнено стоеја сите тамошни релевантни партии односно со само еден исклучок и тоа на една телевизија која е финансирана со европски пари.
Притисокот на политиката не дозволи ниту печатење на било што во врска со изливот на спонтан гнев! На мое укажување на еден од уредниците на софиски „Дневник“, кој беше на средбата, тој се вцрвени, ги подигна рамениците во стилот „знаеш како е“ и замолчи. Насловот на дебатата на која двајцата присуствувавме да не ја повторувам – слободата на медиумите.
Идентичен медиумски пејзаж
Во многуте сличности меѓу бугарската и нашата политичка сцена, не секогаш зависна од меѓусебните спорови и спорења, секако влегува и тој битен пејзаж – медиумскиот.
Кај окупацијата на ТВ станиците и весниците, која е стара практика уште од „првото вмро“, не без традиција и во претходниот период, секако, посебно дојде до израз во времето на владеењето на камарилата на Груевски, познат по тоа дека и кај оние уредници и сопственици со слугански табиет, а кои во разговор со него инсистирале, на малку „неутралност во пристапот“ отсечно одговарал – или си со нас или си против нас. Трето нема.
Да не одиме веднаш во поединечни случаи. И она што се случуваше со медиумите во Бугарија и она што е наша ситуација на тој план е само дел од формирањето на првата транзициона хипотенуза за која медиумите беа една од катетите.
Моќник кој стоеше во бекстејџот долго време
Преку Деве Баир, кралот на медиумите е фамозниот Делјан Пеевски, кој како камелеон час е политичар, час е сопственик на медиумскиот простор, но и периоди кога за него прашуваат „кој е тој“. Во време кога во Бугарија дојде до нови масовни собирања на народот после оние споменати од 2013 година, летото во 2020 година, Делјан Пеевски излезе од бекстејџот и изјави: „Мафијата кај нас има држава, ама од нас (читај – мене) зависи дали мафијата ќе има и народ“.
Делјан Пеевски е разбирливо човек со многу пари, официјално моќен бизнисмен, акцептиран одамна како медиумски магнат и пратеник од бугарското Движење за права и слобода (ДПС). Во деловната и политичката сцена, Пеевски одлучи тогаш да застане во центарот на политичките обвинувања (deux ex machina) што го наведоа тогашниот премиер Бојко Борисов да го реконструира својот кабинет во тој момент. Борисов на 23 јули 2020 година објави дека ги заменува неговите министри за внатрешни работи, економија, финансии и туризам.
Како што потсетува познатата аналитичарка Емилија Милчева (Дојче Веле на бугарски) „најголемата услуга за Пеевски, прогласен за симбол на освоената држава, беше неговата визуелизација во медиумскиот простор“. Невидлив за бугарската правда и институции, со корупција видлива за САД и Велика Британија – поради што и двете земји го санкционираa – тој стана достапен и вработен како пратеник откако ДПС беше примена во владејачкото мнозинство ПП-ДБ, ГЕРБ-СДС.
Така Пеевски беше банализиран, станувајќи некрунисан портпарол на владејачкото мнозинство, со редовно присуство во вестите, исто како и временската прогноза.
Медиумската империја која по потреба ја потресува земјата е основана од 39-годишниот Пеевски, а кој директно поседува над 21 медиуми, без порталите кои се многубројни, за што пишува и македонското издание на Слободна Европа.
Пеевски ја започна својата политичка кариера во 2001 година на 21-годишна возраст како најмлад член на владата на поранешниот бугарски крал Симеон Втори. Најпрвин беше поддржан од Доган и партијата на бугарските Турци, а потоа влегувал (и излегувал од органите на државната безбедност), за што му требала посилна подршка макар и од една или две од помоќните партии, како што анализираат во бугарскиот сервис на Слободна Европа.
Кон кого е наклонет Пеевски? Секако не кон Западот, бидејќи таму го ставија на „црна листа“ односно потпадна под Законот Магницки, како што пишува порталот за медиумски слободи.
На списокот објавен од Вашингтон се најдоа поранешните министри Владислав Горанов и Румен Овчаров, директори на нулеарната централа Козолудуј. Одделно, Велика Британија ги стави под санкции Делјан Пеевски и Васил Божков, веќе еднаш санкционирани од „Магницки“ две години пред тоа.
Бугарските медиуми пишуваат дека ваквата реакција е веќе видена, затоа што и претходно обвинителството бараше одговори од САД за Пеевски за коруптивните зделки во кои бил вмешан тој. Потоа обвинителството на Бугарија соопшти дека Делјан Пеевски е чист по проверките од повеќе институции!
Впрочем ГЕРБ, партијата која секогаш во последните децении освојуваше значаен дел од гласовите на изборите (основана е во 2006 година со помош на германските демохристијани), односно лидерот Бојко Борисов најмалку една деценија добиваше абери од Вашингтон да го уапси погоре споменатиот Васил Божков, познат по прекарот Черепот, кој е класичен мафијашки лик кој ја тресе земјата во функција на базичен организатор на крими групите.
По толку години притисок, Черепот беше уапсен во 2022 година. И во Бугарија настана кладење – дали ќе побегне во затворот после еден или два дена! И погодија оние кои се кладеа на – три дена.
Божков си излезе од затвор и замина за Дубаи, земја каде бегаат сите кои имаат доволно пари и знаат дека нема да бидат испорачани на ниту една земја-барател.
„Досиејата се проверуваат со цел да се соберат податоци за криминали извршени од бугарски државјани според бугарскиот кривичен законик. Доколку се утврдат податоци за такви злосторства, тие би биле во опсегот на Конвенцијата на ОН против корупција. Информации од надлежниот американски институции би помогнале за расчистување на предметот на започнатите увиди и за евентуална идна кривична истрага“, напиша обвинителството во писмото до американското министерство.
Но да се вратиме на Пеевски, кој е познат по прекарот Шиши, бидејќи многумина, па и бугарскиот претседател така го ословуваат (значи во жаргон „голем стомак“). При една ситуација интервенцијата преку медиумите е со цел да го спаси Радев од истрага заради откривање на државни тајни (на Русите), а се користи како параван за незадоволство на етничките Турци од ситуацијата во земјата(!).
Таа почетна маса на етничките Турци му е доволна за да предизвика поголемо незадоволство, за што преку медиумите и нивното долевање на масло на огнот ќе најде поводи секогаш и во секое време.
Концептот „идеите се наши, бензинот е ваш“
Македонскиот пример на тој план е секако познат. Власта на Црвенковски и СДСМ наследи по осамостојувањето и заминувањето на експертската влада на Кљусев два големи магнати (НИП-от и МТВ).
Со цел да се изврши демонополизација, беа создадени многу медиуми, пред сè електронски, што за нив беа единствено интересни. Буењето на ТВ станиците стана особено интересно за крупниот бизнис. Интересот за весниците тогаш веќе спласнува.
Од Квартетот „Технометал во СССР“ учество во основање напечатени медиуми покажа само Трифун Костовски во основањето на Утрински (1999 г.), и Минчо Јорданов, откако пропадна НИП-от во пост фестум спасувањето на дневниот весник „Нова Македонија“, секако по налог „од горе“. Првиот основач го продаде весникот во првата прилика на WAZ, вториот не се покажа доволно амбициозен како издавач.
Германскиот концерн што држеше три дневни весници кај нас, исто толку во Бугарија и медиуми во Србија и Хрватска, кога ги исцрпи некои само нему знајни фондови во ЕУ, по доста кус период ги препушти македонските весници на бизнисменот-политичар Срѓан Керим. Овој го стави на располагање своето мини-царство на режимот на Груевски, сè додека тогашниот апсолутистички премиер не сфати дека му се доволни ТВ пропагандите.
Како во онаа поговорка – „ако не можете да дишете, ќе ве стават на респиратор, ама ако не можете да мислите самостојно, ќе ви пуштат телевизија“.
Како помина единствениот сопственик на медиуми (телевизија, дневни весници и периодични списанија) Велија Рамковски (А1) виде целиот свет. Фирмите на овој сопственик се затворија со правно насилство, многумина од внатре заработија затворски казни, а стотина луѓе, повеќето новинари останаа на улица…
Ако во Бугарија медиумите припаѓаат на еден сопственик, а тој вестите и другите информации ги дели зависно од неговата проценка (ако го прашате Борисов, тој ќе посочи со прстот кон Радев), невладиниот сектор таму смета дека се работи за триумвират сочинет од Борисов, Пеевски и Радев и дека тоа е фејк-војна (фалшлива војна) вели Борис Георгиев, граѓански активист! Резултатот е тој – насочено внимание на медиумите кон одредена цел и апсорбирањето на евентуалните разлики во опсервацијата на одделните општествени прашања.
Кај нас имаше дисперзија на изворите на информација, а потоа тие извори, особено после 2006 година кај електронските, но и печатените изданија, се претвори во призма, која се наоѓа во штабот на палатата Татарчев. Од таму се управува со најголем дел од информациите и тие се уредуваат исклучиво според интересите на една партија, построго дури и од времето на еднопартискиот систем. Да не е убиствено по демократијата, овој воспоставен „ред и поредок“ би имал дури и карикатурални одблесоци.
Но тука нема ништо смешно. Новинарот Фуркан Салиу неодамна го обелодени документот за функционирањето на тој систем и е само последен во низата, а видовме и како помина поради тоа!
По распадот на Заедно за Македонија која победи во 1994 година на претседателските и парламентарни избори се случи сепарација на многу партии (СДСМ, Либерална, Социјалистичка…), а секој си приграби дел од етерот. Со такви моќни оружја, распадот на коалицијата стана полесен, а чувството на некаква моќ во заедништвото се расплини, особено после 2006 година, кога дојдоа изборите. Парадоксот е во тоа што она „нека цветаат стотина цветови“ (во еден миг кај нас броевме над 100 радио дифузери!) практично значеше дека само СДСМ остана со куси ракави, белким сметајќи дека МРТВ му припаѓа по дифолт, што беше многу наивно. А после 2006 година, дури и оние ТВ медиуми кои можеа да имаат добри приходи и основачи кои немаа проблем со спонзорирањето, просто се натпреваруваа во подаништвото кон уќуматот (адресата веќе ја дадовме).
Секако не е познат случајот кога еден познавач на историјата на НОБ побарал малку простор во една телевизија за прилози од времето на антифашистичката борба, но добил плашливо одбивање од главниот уредник со зборовите „ти не знаеш какви се овие“. Мислел на претходниот премиер и шеф на партија кој ја измисли антиквизацијата и кој преку своите јуришни одреди ги избрка борците од НОБ од нивната зграда (Домот на воените инвалиди).
Демагошката структура на груевизмот (во основата на историскиот ревизионизам, што беше предмет на еден научен собир со учесници од регионот во мај 2023 година) просто знаеше да користи сè што во еден миг ѝ одговара и одвреме-навреме ќе се закитеа со некое парче од партизанска епопеја кога ќе биде конјуктурно (низ епизодата „Стреланите деца од Ваташа“ на пример).
Овој модел не само што е анахрон за ова време и треба да се бара негов „близнак“ многу децении наназад, туку е евтин за оној кој го поседува (според системот „идеите се наши, бензинот е ваш“), кој и не мора толку многу да се бави со сметководство и финансии, туку само да го добива политичкиот профит.
Јасно, кога е на власт, црвено-црната партија дава доста концесии за фирмите кои се продуценти на ТВ и радио програми. Познат е оној телефонски разговор меѓу Горан Иванов, сопственикот на Сител и некој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ за добивање на ископ на јаглен во РЕК Битола. Барањето беше во стилот – та ние толку работиме за вас, а не добиваме доволно за возврат.
Често се рекетираа фирми кои практично од своја сметка ги плаќаа интелектуалците (или „интелектуалците“). Се работи за Радио Слободна Македонија, која со појавувањето собра 50 отсто од приходите на сите радио станици во земјава! Или да споменеме дека рекетирањето зема замав од кој може да се дигне косата на главата (кај оние кои ја имаат) – во една од најмоќните компании беше ставен партиски „амбасадор“ кој одлучуваше кои медиумски куќи може да добиваат реклами, а кои треба да извисат. Да, да, и тоа го имаше, а се плашам дека може да го видиме одново.
Постои и поинаква споредлива перцепција на двете општества – нашето и бугарското, во канџите на историскиот ревизионизам. Јасно, сето ова и во двете земји се случува под шаторот на руското влијание. А за тоа, во првата наредна прилика!