Државната изборна комисија денеска ги повика сите вклучени во изборниот процес да ги почитуваат здравствените мерки, упатствата и протоколите за предвремените парламентарни избори на 15 јули.
https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/3108435505859214/
Потпретседателката на Државната изборна комисија Димтмире Шеху за време на симулацијата за безбедно гласање со примена на сите мерки и здравствени препораки, што беше организирана од страна на ДИК на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“ истакна дека само така ќе се заштити здравјето на граѓаните.
Во симулацијата беше опфатен целиот избирачки процес во реални услови, почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, и гласање. Беа
прикажани сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странскирте набљудувачи.
Симулацијата ја следеа набљудувачите на изборите, меѓу кои и ОБСЕ/ОДИХР, претставниции на Министерството за здравство, на амбасадите, како и претставници на политичките партии.
Присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека се почитувани сите препораки на Комисијата за заразни болести и дека граѓаните ќе можат безбедно да гласаат.
„Државната изборна комисија спроведе симулација за тоа како би изгледал денот на гласање, како би се имплементирале превентивните мерки и протоколите кои што произлегоа од Комисијата за заразни болести врз основа на принципите за одржување на дистанца, носење маска и задолжителна дезинфекција на рацете. Сметам дека прилично добро е организирана работата во рамките на тоа што би означувало еден сигурен процес за апсолутно сите гласачи, заради тоа што се се спроведува така како што е пропишано од Комисијата, нема апсолутно никаков ризик. Има услови целосно да се испочитуваат принципите за превентивните мерки и протоколот од Комисијата во целост да биде имплементиран. Верувам дека и на самиот ден на гласање гласачите ќе излезат на гласање не стравувајќи дека нивното здравје може да биде загрозено“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Шеху изјави дека ДИК со овој настан сака да покаже дека при гласањето ќе бидат почитувани сите подзаконски акти, упатства и мерки за заштита на граѓаните.