Министерството за здравство на барање на Здружението на новинари на Македонија организираше бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, вели дека моментално околу 600 индивидуи биле опфатени од овој скрининг, каде им се земени примероци за да се направи тестот и да се види дали имаат одредени поместувања во нивните антитела што ќе индицира дали има потреба да се направи ПЦР тест.
„Од тие 600 лица во првиот круг беа опфатени поголемите медиуми кои имаат поголеми редакции, каде седат по 30 или 40 лица или пак националните телевизии, каде во една смена работат повеќе лица или одат на терен како екипа. Од овие медиуми не се опфатени само од Скопје туку се и од други градови, како Штип, Битола, Струмица, Охрид, Куманово, Тетово, Прилеп, заедно со другите помали градови во нашата држава“, вели Секуловски.
Вкупната бројка на новинари и медиумски работници кои ќе бидат опфатени од скринингот, а се надвор од Скопје изнесува околу стотина.
„Моментално се преработуваат тестовите, а вториот круг, на помалите редакции во Скопје започна пред некој ден кој ќе трае уште недела две, таму ќе се опфатат негде околу 200 луѓе. Се на се очекуваме дека на крајот на процесот на скрининг во оваа фаза ќе бидат опфатени околу 1000 новинари и медиумски работници“, додаде Секуловски.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Биљана Јордановска