Порталот Инфомакс.мк пред 15 часа објави лажна вест со наслов „Заев пишувал текстови на портали под псевдоним „Наполеон Бонапарта“, и истиот текст е објавен на Фејсбук страницата СВЕСТ.мк со коментар: „Влегол во новинарски филм, а ширел и лажни вести…“.
Меѓутоа, оваа лажна вест повеќе ја нема на порталот, односно веќе е избришана, но не е избришана од Фејсбук страницата СВЕСТ.мк.
Имајќи предвид дека најчесто граѓаните не ни ја читаат содржината на текстот туку само насловот, јасна е намерата за ширење на лажни вести и дезинформации.
Пред два дена на настанот 100 дена Влада, премиерот Зоран Заев, во одговор на прашањето од ЦИВИЛ МЕДИА, побара поддршка од медиумите и граѓанското општество во воспоставувањето европски модел за одбрана од хибридните закани што уништуваат поединци, институции и државни стратегии.
„Очекувам малку похрабри чекори и од здружението на новинари, на медиумите, заради одговорноста за ширење лажни вести, заради тоа што, еве лично ќе кажам, од она што го добивам како анализи и од она што читам, следам и се информирам, дефинитивно има многу злокобни и многу злонамерно ширење на лажни вести коишто може да предизвикаат непоправливи последици.
Се работи за медиуми без импресум, медиуми што се присутни во етерот, и коишто покрај тоа што уништуваат чест, достоинство на поединци, уништуваат и институции, уништуваат стратегии на државата, шират омраза којашто дефинитивно има рефлексии и одредени пречки на нашите национални стратешки цели во својата реализација“, истакна Заев.
Дехран Муратов