ВЕСТ НА ДЕНОТ: Собранието го избра новиот состав на Државната изборна комисија
Собранието на денешната 31. седница со 95 гласа „за“ и без ниту еден против и воздржан ја донесе одлуката за избор на претседател и членовите на Државната изборна комисија согласно Предлог одлуката која претходно денеска на седница ја донесе собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
За претседател на ДИК е избран Александар Даштевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Даштевски е поранешен член на ДИК (2012 – 2016), а на функцијата доаѓа на местото на Оливер Дерковски. Последна негова фунцкија беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.
За потпретседател на ДИК е избрана Дитмире Шеху од ДУИ, која и сега е на таа функција. За членови се избрани Борис Кондарко и Радица Ристеска, актуелни членови на ДИК, како и Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда тројцата поддржани од СДСМ. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ е избран Бобан Стојаноски, правник во Собранието, а на предлог на Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива избран е Кренар Лога, правник од Струга.
Пред изборот на старо-новиот состав на ДИК кој беше изгласан едногласно на пленарната седница и со двотретинско мнозинство за дебата се јави единствено пратеникот Кастриот Реџепи од Движењето Беса. Тој во обраќањето истакна дека според резултатите од изборите во 2020 година нема ништо спорно и веќе го потпишале предлог составот на ДИК и при тоа се заложи за промена на моделот за избор на составот на Државната изборна комисија согласно препораките на ОБСЕ е нејзина професионализација.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Државната изборна комисија не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски
ЦИВИЛ ја алармира јавноста и го потсетува Собранието на Република Северна Македонија дека имаат обврска да носат одлуки со кои се штитат интересите на граѓанките и граѓаните.
Денешната собраниска седница за утврдување на новиот состав на Државната изборна комисија што треба да добие двотретинско мнозинство, на листата за претседател на оваа исклучително важна институција го има предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Даштевски.
Познато е дека Даштевски е поранешен претседател на Комисијата за заштита од дискриминацијата. За време на неговото раководење со оваа институција, Комисијата беше мртва, со исклучок на случаите кога требаше да се одбранат дискриминаторските и криминалните постапки на режимот на Груевски. Даштевски е човек од првите редови на режимот на Груевски.
СКЕН: Национализмот, таа темна дамка (втор дел)
Говорот на омраза не е слобода на изразување
Слободата на говорот е глобално прифатен принцип што ја поддржува слободата на поединецот или заедницата да ги артикулира своите мислења и идеи без страв од одмазда, цензура или законска санкција. Терминот „слобода на изразување“ понекогаш се користи синонимно, но вклучува какво било дело на барање, примање и пренесување информации или идеи, без оглед на употребениот медиум.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, го информираше премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите: основно, средно и високо, денес учествуваа на онлајн дебата којашто е дел од јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.
Во изминатите 24 часа во КОВИД-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 403 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти Министерството за здравство (МЗ).
Лекот „Ивермектин“ од денеска е достапен за граѓаните во аптеките, информира Министерството за здравство. Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Сега е веќе јасно, после неколку недели удолнина во статистиките, дека ситуацијата со ковид-19 во Македонија е со охрабрувачки, надолни трендови: сè помалку заразени и починати, сè повеќе оздравени. Лошите бројки на новозаразени и починати се речиси преполовени од статистиките од пред неколку недели, процентите на оние кои покажале позитивен тест во однос на вкупното дневно тестирање за вирусот исто така е во маркантен пад во последните недели, како и бројот на активни случаи. Тоа го следи и бројот на зафатени легла во болниците, со што притисокот врз здравствениот систем значително е попуштен. Со под 40-тина болни кои моментно се лекуваат во болниците на 100.000 жители, Македонија спаѓа во подобрата половина од европските споредбени табели на ковид-зафатеност на болничките капацитети…“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Короната во Македонија попушта – треба ли да се опуштиме?“.
„Годината што измина, ќе ја паметиме по пандемијата што сериозно го предизвика досегашниот начин на функционирање на човештвото. Но, ќе ја паметиме секако и по екслозијата на лажни вести и дезинформации, кои се главни алатки за дестабилизација на демократските општества преку ширење на омраза, поттикнување на насилство, недоверба кон институциите, граѓанскиот сектор, медиумите, како и влевање на страв, несигурност и поттикнување гнев и нерационално однесување кај граѓаните во многу земји во светот“, пишува Петрит Сарачини во „2020, година на лажни вести: Трамп светски „шампион“, кои беа нашите „шампиони“?“.