-Новата американска администрација можеби ќе биде поприсутна на Западниот Балкан. Она што е важно за нас е дека тимот кој го формира Џо Бајден е далеку поискусен во однос на меѓународната политика и во однос на значењето на односите со европските партнери, вклучително и со балканските држави и навистина тука очекуваме многу поголем ангажман и интерес кон Западниот Балкан, изјави во интервјуто за МИА претседателот Стево Пендаровски.
– Џо Бајден има и лични релации со овој регион, има и во времето на последните балкански војни доаѓано во регионот на различни меѓународни конференции, форуми, многумина од нас се имаат среќавано или биле на ист настан, така што мислам дека Балканот е подрачје што прилично добро е познато за претседателот, вели Пендаровски.
Додава оти е јасно дека работите на Балканот не се завршени, односно постојат неколку отворени прашања – меѓународниот статус на Косово, нефункционалноста на Босна и Херцеговина, односно Дејтонскиот договор…
Пендаровски изрази надеж дека новата администрација од 20 јануари на Џо Бајден ќе ги препознае тие компоненти на целиот комплекс прашања, затоа што, како што вели, и во нејзиниот тим за надворешна политика и за национална безбедност има многу луѓе што имаат искуство од деведесеттите години од Балканот и луѓе што се експерти за регионот, така што многу добро знаат дека Западниот Балкан не е таму некоја периферија, која нема никакви импликации врз пошироката континентална безбедност.