Акцискиот план, кој ние и го понудивме на Бугарија и на кој тие сега одговараат, нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези – јазикот и нација, туку само предлагаме сет мерки што би требало да ја „олабават“ атмосферата во наредниве месеци, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА.
– Бугарија има предвремени парламентарни избори, веројатно март или април. И во тој предизборен период е многу тешко вие со „ладна“ глава, зборувам пред сè за колегите од Софија, да влезете во расправа за прашања за кои претходно и во период во кој немавме избори пред нас не можевме да се договориме од познати причини. Во овој момент ние разговараме за, да ги наречам, не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем, вели Пендаровски.
Според него, главниот проблем е инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски, на што некогаш не сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина.
– Меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме тоа да го направиме во јануари, февруари, март. Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн., потенцира претседателот Пендаровски.