ВЕСТ НА ДЕНОТ: Започна процесот на имунизација
Процесот на имунизација започна денеска со вакцинација на првите здравствени работници од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби. По стартот на вакцинацијата министерот за здравство Венко Филипче посочи дека вакцините се безбедни, со развиени безбедни платформи и дека се единствен начин за развивање на колективен имунитет.
„Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои што се навистина броени, на колегите кои што директно работат со пациентите, сигурно ќе се вакцинирам некоја во следните тури на вакцините кои ќе дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што тие треба да го направат, додаде Филипче.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Заев: Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост
Премиерот Зоран Заев денеска, преку видеообраќање, испрати порака до сите граѓани за важноста од донирање органи и ткива како начин за спасување нечии животи. Заев порачаа дека дарувањето органи е највисок акт на човечност и хуманост. И тој лично, како што вели, е подготвен на ваков чин за што разговарал со своето семејство и оставил аманет.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска. На првата работна сесија Шекеринска ги изнесе ставовите на нашата држава и ги поддржа предлозите на генералниот секретар Јенс Столтенберг повразни со иницијативата НАТО 2030, која има за цел да ја зацврсти Алијансата и воено и политички.
Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска со претставници на ромската заедница вклучени во институциите од локалната и централната власт, како и членови на граѓански организации разговараа за повеќе актуелни теми, меѓу кои и за значењето на спроведувањето на успешен Попис 2021, во насока на заложбите на Владата за остварување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година и Акцискиот план.
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го имплементираше ISO 37001:2017, со што стана првата државна институција сертифицирана со меѓународниот Стандард за спречување корупција.
Претседателот на државата Стево Пендаровски го даде своето мислење во врска со впишувањето на етничката припадност во личните карти. Пендаровски изјави дека тој лично не се согласува етничката припадност да стои во личните карти бидејќи во светот не постои ниту една демократска држава која го има направено тоа.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска одржа работен состанок со претставници на Светска банка на кој се разговараше за техничката помош и поддршка за ефективна реинтеграција на ранливите повратници, мигранти од ЕУ кон Западен Балкан, со особено внимание на Ромите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Кога народот ќе биде задоволен и кога ќе се постави прашањето дали сме демократска држава, дали треба уште 20 други години да поминат за да почнеме да живееме демократски како што се очекува од ветувања пред да се добие власта или да се бара 3 4 5-та опција која ја нема и нема да ја има за следните толку години… Ајде да се покаже еднаш дека сакаме демократија и демократски живот како што го напишале во статутот сите политички партии и да се најдат и решат еднаш за секогаш битните прашања за државата. Да дојдеме до силна економија за тој број на населението што го имаме, односно што остана тука пред да замине за подобар живот во западните земји“, пишува Сафет Зеќири во неговата колумна „Демократија, не избори!“
„Сè додека поимот „Македонија“ и придавката „македонски“ за многумина има етнички ексклузивитет и ја поврзуваат само со Македонците како народ, невозможен е граѓански концепт по европски терк во Северна Македонија. Невозможно е Македонија да биде само на Македонците во етничка смисла, а да биде граѓанска држава! Невозможна е граѓанска држава, во која едни се НАРОД со предимство и „стопани“, а други се МАЛЦИНСТВА и „кираџии“! Невозможно е да велиме дека градиме граѓанска држава, а сите „граѓански“ устави на земјава да имаат дефиниции во кои граѓаните се во различни категории – народ, делови од народи, националности, народности, малцинства – врз основа на етничката припадност“, вели Петрит Сарачини во „Граѓански“ концепт.
Б. Ј.