пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога наутро се будиш и првите сигнали за денот што те очекува ти се вестите на некоја од нашите телевизии, немој да се надеваш дека мирно ќе ти помине остатокот од денот. Ако ништо друго, ќе ти се врти низ главата некоја политичка остроумност. Пратениците не можат да се договорат за заеднички кодекс на однесување. Не си верувале едни на други. А ние наивните мислевме дека на изборите избравме високо образовани личности што знаењата ги стекнале низ процеси на образување и воспитување, што не им сѐ достапни на големиот дел од нивните гласачи што немаат посетувано високи училишта.
Е сме згрешиле. Тие не се почитуваат како колеги и политички противници, па зошто би ги почитувале обичните граѓани. Ни тие не се надвор од правилата на времето во кое живееме. Мислам дека сѐ уште оваа наша невесела состојба се нарекува транзиција. Како да е тоа некој тунел низ кој поминуваме и во тој тунел веќе не го гледаме светлото од почетниот влез, а излезот сѐ уште е некаква далечна точка што нѐ мами веќе триесет години. Само да не поминеме како во една култна песна за уличната светилка и црната пеперутка.
А сѐ велат започнува во семејството и во училиште.
Ако влезеш во некое наше просечно училиште, во некој поголем провинциски град и сликата ќе ти биде појасна. Најголем број од зградите се од осумдесеттите години и се со модернистичка функционална архитектура. За тоа време потполно прикладни на потребите. На нив веднаш можеш да приметиш колку пати се реновирани аулите, ходниците или самите училници. Некаде се променети и прозорците и вратите, некаде и подот, но во суштина се истите згради од пред децении без ладење и задоволително греење, а задолжително со колективни тоалети и редица чешми за миење раце. Тоа наследивме од минатото, но вистинското прашање е што променивме на добро, колку напредувавме кон современиот свет?
Училиштата имаат портирници каде како по правило седи некој предпензионер што во училиштето дошол на педесетина години, колку да си го отслужи своето до пензија. Некогаш се обидува да стави некаков ред во доаѓањето или одењето на учениците од училиште, ама некогаш медитира дремејќи и се потсетува кога бил самоуправен работник во голема фабрика.
Директорот најчесто е на постојана врска со партиското раководство за да биде во тек со збиднувањата. И разбирливо е при правењето на приоритетите на делување како директор да ги има вистинските информации. А ако има некоја партиска активност и не се појави? Што е сигурно, сигурно е ако навреме се организираш. Штом е поставен за директор го чешла списокот на колегите наставници и гледа при распоредот да не испушти некој заслужен член на партијата и да го остави со помал фонд на часови. Ни случајно не смее да си дозволи таков луксуз. Се знае дека потоа следуваат партиски седници и поплаки кај шефот на партијата за неговото поведение.
„Каде најде сега нашите да ги оставиш со помали плати – знаеш ли ти колку таа има трчано за партијата?“
Кога тоа ќе го среди со задоволителен ефект ќе мора да се погрижи за политичкиот противник. Да се разгледа како тие се однесувале во времето кога нивните биле на власт. И повторно тешка задача за директорот. Некои му се пријатели од одамна, некои се добри наставници и си ја вршат задачата добро.
„Ама грешни се брат, грешни се, од другата партија сѐ и затоа нема слабост кон никого. Нема за нив семинари и дополнителни часови, тоа гледај да го ставиш само за нашите.“
Наставниците се во неколку групи и често не се во некоја особена љубов меѓу себе. Едната група која е пред пензија и која е во состојба на ветерани од образовната борба со разни реформи во наставната програма и со забрзаната нова технологија што ги прави неуки и неавторитетни пред учениците. Ги бројат годините до пензија и постојано се жалат дека никој не го почитува нивното искуство. Но штом дојде крајот на учебната година веднаш прашуваат за продолжување на работниот век и за следната година.
Објаснувањето е од типот „што ќе се прави дома по цел ден, а и моево искуство сега може да ви биде од корист, сепак зад мене има генерации ученици.“
Другата група е составена од наставници кои се во средина на својот креативен работен век. На работа дошле пред дваесетина години и не сакаат да им се споменува дека добар дел од нив на работа дошле од некој партиски или роднокраен список. Ако не се со амбиција да станат директори, се трудат да ги следат измените во образовниот процес и се посветуваат на работата. Веќе го совладале кодексот на важни личности во градот и се прилагодиле на вреднувањето на учениците според непишаното правило на важност и потребност. Некои повеќе некои помалку успеваат да балансираат меѓу неформалните правила и потребите на наставата и одговорноста кон учениците.
За таков начин на однесување нашиот народ е непресушен извор на таленти “на кумот кум, на сватот сват и мирно терај си работа“.
Третата група на наставници сѐ од помладите генерации што сѐ уште имаат идеали дека со самото доаѓање во шанса да бидат наставници ќе го сменат целиот образовен процес. И во оваа група има од партиските списоци, но новите генерации имаат подруг систем на вредности. Тоа што така дошле на работа за нив е нормална скала во животот. Меѓу себе се разликуваат според тоа колку биле добри студенти и колку своето студирање го сфатиле како основа за идната работа.
Оние што биле добри студенти нестрпливо се обидуваат да се докажат, да покажат дека на светот постојат нови методи во образованието, се користат нови алатки за настава и светот одамна се изменил од сфаќањата на нивните најстари колеги. Слабите студенти се обидуваат да не се истакнуваат, да не се залетуваат премногу и најчесто се врткаат по партиските канцеларии. Не за друго туку да бидат на очи на директорот, на партиското раководство. Од нив за десетина години ќе се регрутираат новите директори на училиштата.
Можеби и моето согледување е искривено и не ја отсликува реалноста. Но, нешто во целиот процес како да недостасува. Мислам дека тоа е процесот на воспитување на учениците. Воспитување во вистинските вредности на кои почива едно здраво општество. Воспитувањето на децата дека почитувањето на другиот е почитување на себе си. Толеранцијата кон различниот е додаток на сопствените вредности.
Да, да за состојбата во современото семејство се напишани веќе томови научни дела и сите се скоро со иста констатација – полека се распаѓа основата клетка на социјалното живеење. И ако во таа клетка потфрлува во воспитувањето и внесувањето на основните вредности во детските глави во училиштето тоа тешко се надополнува. Ако кон тоа се додаде целата атмосфера која според согледувањата има низа на недостатоци што треба општеството да очекува од лицата кои станат пратеници. Најголемиот број од нив се родени во средината на седумдесеттите. Како личности се формирале низ димот на балканската крчма со пеење и пукање, а некогаш и со брзо послужување на битните гости, во зависност од потребите. На врвот на партиските листи стасуваат со партиски активности што нѐ секогаш можат да се подведат како израз на способност и чесност.
И сега ни е чудно кога нашите репрезенти за ништо не можат да се договорат. Не можеле да донесат кодекс на однесување во Собранието зошто не си верувале едни на други. А сте слушнале ли да се прави свирка од топола? И да се направи, нема да свири. Свирка се прави само од некои врсти врба и тоа само во пролет.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.












