„Треба да се одржи пописот, да видиме кои сме и што сме“, „Нема да доаѓаат по 100 попишувачи, ќе дојде еден или двајца“, „Попишувачите се добредојдени, мора да се одржи пописот, да знаеме што имаме во државата“…
Ова се само дел од пораките и ставовите на бројните граѓанки и граѓани со кои ЦИВИЛ е во директна комуникација во текот на изминатите недели.
Голем број прашања се однесуваа и на безбедноста од Ковид-19 во текот на попишувањето, па со олеснување беше примена информацијата дека попишувањето може да се изврши и пред влезовите на становите и куќите. Доколку временските услови го дозволуваат тоа, и пред влезовите во станбените згради, како што изјавија и од Државниот завод за статистика за медиумската платформа на ЦИВИЛ деновиве.
Стотици пораки со најразлични прашања, но и поттик за тимот на ЦИВИЛ да продолжи со објавување на информации и пораки за потребата од пописот пристигнуваат на адреса на организацијата секој ден. Голем дел од пораките содржат и информации за пропагандата на одредени политички структури со која се повикува на бојкот.
ЦИВИЛ организираше поголем број јавни дебати во Скопје, како и по една во Штип и во Гостивар. Градоначалници, членови на општинските совети, претставници на власта и на опозицијата, експерти, претставници на бизнисот, граѓанското општество и здравствените институции, како и директорот на ДЗС, Симовски, беа дел од дебатите на ЦИВИЛ во изминатите четири месеци. Веќе наредната недела се планираат нови анкети и настани во и надвор од главниот град.
Повеќе видео прилози на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.