„Секој ден е добар за одбележување на грижата за животната средина. Или, како што велиме ние во ЦИВИЛ: Сите временски услови се добри за активизам“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ на одбележувањето на 21 Март – Денот на екологијата, во Општна Гостивар.
Гостиварската локална самоуправа ги промовираше десетмината членови на екопатрола и новиот апарат со кој ќе се мери квалитетот на воздухот. Мерната станица е прва од ваков вид во Македонија и според ЕУ стандардите.


Еко-патролата, која сега брои десет лица, членови на локалните еколошки друштва наскоро ќе биде дел од работата на Општината.


На примопредавањето на уредот за мерење на квалитетот на воздух од компанијата „Информ” од Скопје беше кажано дека наредниве две до три недели ќе се тестира неговата функционалност. Претставникот потенцираше дека Гостивар е првиот град во земјава што набавува.


Градоначалникот Арбен Таравари во обраќањето напомена дека целта на одбележувањето на Денот на екологијата е во насока на подигање на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи и категории, зачувување на животната средина и природата, како и подигање на нивото за одржување на чистота.
„Годинешниот буџет за делот на екологија е зголемен за пет пати во споредба со претходните години. Направивме многу во однос на заштитата на животната средина и така продолжуваме“, изјави Таравари, градоначалник на Гостивар.
Волонтерите од Еко-патрола ќе бидат обучени од невладината организација „Еко Герила” од Тетово.
„За чиста животна средина треба да бидат вклучени сите, не само институците и невладините организации, туку сите граѓани треба да придонесат за чиста средина“, истакна Аријанит Џафери од „Еко Герила“.
Џабир Дерала од ЦИВИЛ упати порака по повод 21 март, денот на пролетта, шумите и грижата за животната средина.
„21 март, денот на пролетта, паѓа во месец кој е познат по својата непредвидливост, па затоа ќе го прославиме доаѓањето на пролетта со дожд и снег, но важно е да го најдеме сонцето во нашите мисли и така да ја градиме иднината. А иднината е во нашата грижа за животната средина. Со тоа ќе дадеме најдобар придонес кон подобрување на условите во кои ќе живеат генерациите по нас“, истакна Дерала.
Валентина Штерјовска од ГвЕко истакна дека општина Гостивар не прави козметика, туку вистински се бори за почиста животна средина.
„Целта на Еко-патролата е да ги разбудиме граѓаните за одговорноста што ја има секој граѓанин кој фрла ѓубре “кадештоќестигне” и го претвора градот и околината во депонија и заеднички сите да земеме учество за чист град и чиста околина .Алармантно е и поразително да шеташ по гостиварските улици, кејот на реката Вардар и по патеката до Вруток и постојано да имаш чувство дека шеташ низ депонија“, истакна Штерјовска.
Поради врнежите од снег, засадувањето на сто дрва низ градот е одложено за поповолни временски услови. Одбележувањето на 21 март ќе продолжи и утре со работилници во кои ќе се вклучат децата од градинките и првачињата, по што ќе се спроведат акции за чистење на градот.
текст и фотографии: Дехран Муртаов
камера и монтажа: Ариан Мехмети












































