ЦИВИЛ во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, организира панел дискусија на тема: На „балот“ за човековите права на Ромите, која ќе се одржи на 6 април 2021 година, денес, вторник, со почеток во 13 часот. Поради новите рестриктивни мерки на Владата за спречување и заштита од Ковид-19, дискусијата ќе се организира преку платформата Зум.
На дебатата ќе учествуваат Заменик-народен правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Владата на РСМ, Мабера Камбери, претставничка на МТСП, Тефик Махмут, граѓански активист и Рамуш Муарем – Цирко, новинар.
ЦИВИЛ оваа недела го започна проектот Направи разлика: Почитувај ги различностите во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург. Проектот е продолжение на минатогодишната извонредно успешна иницијатива Обединети во различноста.
Направи разлика: Почитувај ги различностите е проект за промовирање на мултикултурализмот и европските вредности. Проектот има цел да ги ублажи разорните последици од етничката омраза и антизападните кампањи, преку кампања за јакнење на јавната свест, медиумска продукција и настани што ќе се фокусираат на позитивните пораки за мултикултурализмот и европските вредности.
Денес во Скопје со почеток во 12:00 часот Собранието треба да ја продолжи 30-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои законите за употреба на знаковниот јазик, за заштита од вознемирување на работното место, за практиканство, за волонтерство, како и за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување.
Седници, денеска ќе одржат и собраниската Комисија за финансирање и буџет во 11:00 часот и собраниската Законодавно-правна комисија во 14:00 часот, на чиј дневен ред е Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството.
.Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












