пишува: ПЕРО НАУМОВСКИ
„Београд на води“
Пред точно пет години, додека длабоко во ноќта Александар Вучиќ ја прославуваше убедливата победа на парламентарните избори со своите сопартијци, во белградската населба Савамала во ул. „Херцеговачка“, багери и булдожери извршија вандалски чин, ги рушеа приватните трошни куќарки и со помош на луѓе со фантомки на главите ги малтретирале граѓаните кои таму биле во тие моменти. Иако им ги одземале мобилните телефони некои од нив сепак успеале да се јават во полиција, но од таму не добиле никаква заштита. Додека траеше славењето, теренот за реализација на мега-проектот „Београд на води“ мораше да се расчисти и да се подготви за реализација.
Во тој пакет одеше и затворањето на Главната железничка станица во центарот на градот, симболот на Белград. Беа прекршени многу закони, постапки, процедури, јавни расправи со единствена цел да се реализира овој мегаломански проект вреден повеќе милијарди евра. За полесно и ,,помазно’’ да оди проектот во брза постапка беше донесен и закон лекс специјалис, а договорот со богатиот инвеститор од Обединетите арапски емирати никогаш не беше објавен во јавноста. Иако скоро во завршна фаза на изградба овој монументален објект кој доминира во централното градско подрачје најголем дел од јавноста во Белград и Србија го доживува како бетонска џунгла која е изградена да ги задоволи интересите за голем профит на богатиот инвеститор, а рушењето на Савамала и затворената Главна железничка станица станаа синоним за незаконитост и висока корупција кога ќе се спомене проектот „Београд на води“. Многу невладини организации и здруженија покренаа акции и судски постапки, но се разбира без никаков успех.
Скопје на Вардар
Кога пред четири години Саша Богдановиќ беше избран како градоначалник на општина Центар граѓаните ја подржаа одлуката за мораториум на градежните активности во општината верувајќи дека таа сепак е од времен карактер додека не се најдат соодветни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните, а ќе го задоволат и јавниот интерес. Но времето брзо минува, мандатот скоро завршува, мораториумот сѐ уште е на сила, а граѓаните кои не можеа да градат и да ги решат своите животни и семејни станбени проблеми беа се понезадоволни и пофрустрирани, за инвеститорите и за градежната мафија да не зборуваме. Во секој случај неповратно се потрошија скоро 4 години и сега се случи одлуката на Уставниот суд.
Инвеститорите спроти Холидеј Ин можат да отпочнат со реализација на нивниот проект. Веќе уплатиле и комуналии. Јавноста е поделена дали и што да се гради на оваа локација иако надлежните тврдат дека се ставени пред свршен чин и мора да го почитуваат законот. Власта и во Општина Центар и во Град Скопје и во надлежното Министерство за транспорт и врски е во рацете на СДСМ, а тие си ја префрлуваат топката од еден на друг и тоа го прават така да кажам ,,жонглерски’’. Крикот на градоначалникот ,,Аман луѓе помагајте’’ јас го доживеав како лицемерен, неискрен и манипулативен. Имам впечаток, иако се надевам дека впечатокот ме лаже, дека овој крик е само да си ја исчисти совеста пред граѓаните и да предизвика сожалување од нив дека еве прави сѐ што е во негова моќ, но е немоќен иако всушност длабоко верува и се надева дека никој нема да му ,,помогне’’ и сепак ќе мора да издаде градежна дозвола.
Нешто слично се случуваше ако се сеќавате со зеленилото кај Мајчин дом кое беше ,,законски’’ пренаменето во станбено-деловен објект, а епилогот беше изградба на објектот и покрај силното противење на граѓаните од општина Аеродром. Да, и само да потсетам, со купување на атрактивен деловен простор од поранешниот градоначалник Ивица Коневски во вредност од 400.000 евра без да плати едно евро од сопствениот џеб сепак со орочен рок на сопственост од 12 години. Корупција која ќе се наплати по 12 год. Само да потсетам.
Нормално е дека треба да се гради, да се инвестира, да се урбанизира, да се заработува и нормално е, како што е најчесто во строгиот центар на сите метрополи во светот, да преовладуваат висококатници од бетон и челик, зошто исклучок од тоа да е Скопје. Овде не станува збор за таква дилема туку огорченоста и незадоволството кај дел од јавноста е поради начинот на кој се реализираат овие проекти. Само доследно спроведени постапки, процедури, законитост, јавна расправа, транспарентност, стручност, одговорност, отчетност, етичност и многу други активности ќе ја убедат јавноста во оправданоста и целисходноста од реализација на соодветниот проект.
Тетово на диво
И на крај за апсурдот во Тетово. Градоначалничката Теута Арифи го привршува вториот мандат. За 8 години не може да се пофали со ниту еден решен комунален проблем во корист на граѓаните. И тие што се обиде да ги реализира не успеа да ги заврши. Проблемот со дивоградбите, проблемот со хигиената, сообраќајниот колапс, дотраената водоводна градска мрежа, раскопаните улици, проблемот со времените депонии, урбанистичкиот хаос. Една година помина од завршувањето на новиот водовод, а и понатаму има секојдневни рестрикции. Булеварот „Илирија“ кој требаше да се уреди со урбана опрема и после три години нема абер да заврши. Општината се задолжи преку ЕИБ и купи 7 нови автобуси кои сѐ уште после неколку месеци се паркирани и никако да почнат со работа. Се чека да се формира ЈП. Сите ЈП во општината работаат со загуба поради превработеност, презадолженост и слаб партиски менаџмент кој управува со нив. Ветувањето дека ќе биде изградена нова гимназија и детска градинка веќе никој не ги споменува. Градската администрација е меѓу најбројните во државата скоро според сите критериуми, а исто се однесува и до задолжувањето кое е едно од најголемите во однос сите општини во Македонија.
И еве сега при крајот од својот втор мандат реши да го решава проблемот со паркинг во центарот на градот, кој впрочем воопшто не е спорен, така што ќе гради катна гаража таму каде воопшто не е предвидена со ДУП-от , значи како класична дивоградба. Договорот за градба е потпишан, а вредноста е 824.000 евра. Катна гаража со ДУП е предвидена на паркингот веднаш до супермаркетот Веро, но не знам од кои побуди градоначалничката наместо да го реализира важечкиот ДУП и делумно да го реши проблемот со паркирањето таа сепак ќе гради катна гаража како дивоградба во строгиот центар на урбан блок 37.
*
Еве три приказни по примерот на филмовите на Милчо Манчевски.
Секоја сличност на приказните е намерна.
Пораката е: Приципот е ист, сѐ останато се нијанси (Ѓорѓе Балашевиќ)
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот