Слободна зона денеска со Сашо Орданоски, Џабир Дерала и Петрит Сарачини
Луѓе од „пи-арот“ или односите со јавноста ќе ви кажат дека Земјата е округла и дека за тоа може да прочитате во современите учебници и научни трудови, ќе ви дадат линкови до документарни филмови и до институции каде што ќе се уверите и самите во вистинитоста на таа изјава. И отворени се за прашања и дискусија, без оглед на тоа колку се непобитни фактите.
Пропагандата ќе одговори дека Земјата е рамна и дека сите што тврдат поинаку ќе горат на клада, бидејќи се зли предавници на исконските човечки вредности. Исклучуваат секаква дискусија или ја сведуваат на дискредитација на изворите, со „аргументи“ од типот: „Сето тоа е заговор на Западот“, „Библијата не вели така“, „Масоните, Евреите, Сорос, Меркел, Бил Гејтс и Заев лажат“… пишува Џабир Дерала во рафалот „Има разлика“.
„Но, откако стана јасно дека Владата не сака да ја менува односната политика, Пауновски реши дека тој ќе ја менува Владата. Оти, ако поради него владата не си дава оставка, освен да биде сменет од функција, Пауновски има и можност самиот да си даде оставка, со оглед на несогласувањето со владината политика – за него е сеедно, бидејќи во кој било случај, веќе е акламативно прогласен за херој во јавноста, па ако нема намера да ја смени Владата, логично би било самиот да си замине од неа. Па, сепак, не.
Како и да ја заврти, Заев е во губитничка позиција. Доби уште еден „Стојко“ во рабушот на јавноста која обожува државни функционери кои, од некаков принцип, им пркосат на помоќни државни функционери. Има и иронија во сето тоа, бидејќи ако некој пркосел во политиката, тоа е секако Заев, па таа политичка емоција би требало добро да ја познава. Сепак, работата со Пауновски гледаме до каде стигна, ни телефон инспекторов, од инает, на премиерот не му крева…
Ништо. Ќе лета, изгледа, Стојко во пилоти. Ќе си ја исполни својата дамнешна желба“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Стојко лета во облаци“.
„Не може да си бил дел од Шарената револуција, а да го поддржуваш 27 април. Вредносно, логички, рационално гледано е невозможно.
Но е возможно – за опортунисти, кариеристи, сончогледи, мразачи, лицемери…луѓе без кичма, вредности, луѓе аморфни, кои лесно се вклопуваат во секоја наредна „мода“, макар било тоа оправдување на омраза и насилство.
Таквите, што „не се бавеа со политика“ а беа послушни шрафчиња и алатки за „хуманизирање“ и давање „човечки лик“ на една десетгодишна диктатура, почнаа да доаѓаат на протестите против режимот на Груевски пред самиот негов крај. За да бидат видени, сликани, да фатат „приклучок“, ред за „баци-рака“. Тие најгласно викаат дека некој се „ухлебил“, „вдомил“…оти тој им е светогледот и дометот.
Ваквите луѓе се најголема рак-рана за секоја власт во Македонија, 30 години наназад. Тие се секогаш меѓу првите за бркање врски, услуги, и најгласни ако не бидат примени преку ред.
И некни го правеа тоа. Само, овој пат, се пресметале погрешно, и прерано фатиле „приклучок“. Нивниот 27 април, тоа дивеење, жед за крв, насилство, владеење на криминалот и омразата, никогаш нема да се врати назад“, пишува Петрит Сарачини во колумната „Ем на шарена револуција, ем поддршка за крвниците од 27 април?“.
Д. Муратов