пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Не може да си бил дел од Шарената револуција, а да го поддржуваш 27 април. Вредносно, логички, рационално гледано е невозможно.
Но е возможно – за опортунисти, кариеристи, сончогледи, мразачи, лицемери…луѓе без кичма, вредности, луѓе аморфни, кои лесно се вклопуваат во секоја наредна „мода“, макар било тоа оправдување на омраза и насилство.
Таквите, што „не се бавеа со политика“ а беа послушни шрафчиња и алатки за „хуманизирање“ и давање „човечки лик“ на една десетгодишна диктатура, почнаа да доаѓаат на протестите против режимот на Груевски пред самиот негов крај. За да бидат видени, сликани, да фатат „приклучок“, ред за „баци-рака“. Тие најгласно викаат дека некој се „ухлебил“, „вдомил“…оти тој им е светогледот и дометот.
Ваквите луѓе се најголема рак-рана за секоја власт во Македонија, 30 години наназад. Тие се секогаш меѓу првите за бркање врски, услуги, и најгласни ако не бидат примени преку ред.
И некни го правеа тоа. Само, овој пат, се пресметале погрешно, и прерано фатиле „приклучок“. Нивниот 27 април, тоа дивеење, жед за крв, насилство, владеење на криминалот и омразата, никогаш нема да се врати назад.
Не затоа што имаме „безгрешна“ власт како онаа на Грујо. Туку, затоа што имаме власт која греши, но и признава и учи од своите грешки, оти првенствен и е интересот на општеството.
И не само затоа што, четири години по 27 април, Северна Македонија е членка на НАТО. Таа е сепак многу, многу поразлична и понапред од времето во кое застанал умот и апетитот на мразачите, насилниците, нивните идеолози и поддржувачи.
И не само заради тоа што порано немаше одговорност за криминалот на владејачката братучедија и началници. 4 години подоцна, главата на криминалот и насилството е избегана, но сите други поважни главешини и началници се или зад решетки, или блиску до таков епилог. А како што гледаме, стапот игра и за оние во власта, без оглед на големината на главите.
Затоа, не фаќајте приклучок кон омразата. Фаќајте приклучок кон иднината. Оти со поддршката на 27 април, личите на будали што фатиле пушка да се борат за да го спасат Хитлер во 1945-та.
А тие што беа со вредностите на Шарената револуција и сите претходни протести , очекуваат нешто друго. Очекуваат ова засилено темпо на правдата да засили уште повеќе, очекуваат финиш и берење плодови во расчистувањето со криминалот и омразата.
Очекуваат конечно правдата да затропа и да влезе на голема врата во нашето општество. Еднакво за сите, со ист аршин за сите. Очекуваат соодветен одговор за криминалците и насилниците. И тоа и го заслужуваат, после 3 децении мрцварење и тапкање во место.
#SledeTene
|#SFSN
#LiveFromTheCrystalBall
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.