Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска на денешната работна средба со министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац истакна дека двете земји ја спроведуваат истата политиката за модернизација на Армијата и додаде дека во текот на јули заедно со Ињац и нивниот колега од Словенија ќе остварат работна посета на Балтичките земји.
– Во текот на јули заедно со министерката Ињац и со нашиот колега од Словенија, ќе патуваме во посета на Балтичките земји и ќе оствариме средба која што ќе ни отвори шанса за заедничка акција, која што ќе биде поддржана од Словенија, Црна Гора и Северна Македонија. Тоа го гледаме како развој на регионалната соработка. Денеска на колешката Ињац и понудив уште една форма на заеднички настап, тоа е да испраќаме офицери во одбрамениот колеџ во Рим, на кој што поминале многу наши сегашни офицери, меѓутоа сметаме дека како земја членка на НАТО, ние треба таму да бидеме и перманентно присутни, истакна Шеќеринска.