Од денешните изјави издвојуваме: Николовски за мазутот, Шахпаска за интеграцијата на Ромите, Димитров за неработниот ден…
Николовски: Нема што да криеме, граѓаните треба да ги знаат сите информации за увозот на мазут
„ Сето ова покажува дека веднаш по излегувањето на сторијата на ИРЛ, на мој предлог, со Министерство за економија ги задолживме надлежните институции за итни, вонредни и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати. Институциите под ингеренции на Владата, веднаш постапија согласно законите и нивните надлежности и изрекоа соодветни казнени мерки. Би сакал да нагласам дека согласно владините задолженија при вонредните инспекциски надзори, се опфатија и сите останати фирми увозници, а надзорите се вршеа во сите фази, од увоз до складирање и користење на нафтените деривати. Притоа кај дел од нив беа констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција,“ рече Николовски.
„Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на интеграција на Ромите и останатите ранливи категории на граѓани и тоа преку повеќе проекти кои значат директна поддршка за нив. За изградба на социјални станови наменети се 69 милиони евра, потоа во соработка меѓународни партнери обезбедени се 412 илјада евра за проектот за собирање и селектирање на отпад, додека 25 милиони евра за Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување во кој еден од принципите е инклузивност и диверзитет”, нагласи министерката Шахпаска.
Ангел Димитров: Недела неработен ден, добар компромис меѓу синдикатите, Владата и работодавачите
„Во старт тоа не беше исплатливо за нас, но врз основа на дискусиите и со синдикатите и со Владата ова беше постигнатиот компромис. Мој личен, но и став на ОРМ е дека тоа е добар компромис. На оној што инвестирал 20-30 милиони евра во нов мол да му се забрани да работи во недела не е во ред, ама во ред е тој што ќе работи во недела да добие двојна дневница и на државата да и плати надомест за развој на инфраструктура, детски градинки… Ова е компромис кој во моментов на развој на државата е добар. Може кога ќе имаме стандард девет-десет илјади долари по жител и тие нема да работат во недела. Но, во овој момент Македонија не смее да си дозволи македонски граѓани да одат во Бугарија или Србија и да трошат девизи, а наиште молови да бидат затворени,“ рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање дали на работодавачите е прифатливо ако работат во недела да издвојуваат од приходот што го остваруваат.
Ирена Крџиќ