Во изјави на денот: Стефанова за тоа како Груевски купувал плацеви на Водно, Мерко не исполнува „музички желби“ на невладините од Охрид, Маричиќ за дигитализацијата во судството…
Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со обвинението се соочени и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
„Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба“, истакна Стефанова.
„За жал, многу невладини „не и го сакаат доброто“ на Струга, напаѓаат без аргументи. На пример се палела трската во сувиот дел во потегот Струга – Калишта, истото се прави и во Подмоље и во Охрид, но секогаш се напаѓа Струга од невладини од Охрид иако не се професионалци, да не зборувам каква професија имаат. Ние имаме искусни еколози, инженери, архитекти, инспектори кои работат во тој прилог, и мислам дека не е фер да се напаѓа за да се заштити нивното делување. Треба прво да го гледаат „својот двор“ како го суредија, па потоа да критикуваат друг“, истакна Рамис Мерко, градоначалник на општина Струга.
„Заедничката дигитална стратегија на земјите од Западен Балкан ќе ги забрза напорите за интеграција во ЕУ. Се очекува да донесе побрзи промени во однос на владеењето на правото, да помогне да се создаде функционална пазарна структура во регионот и ја поттикнува модернизацијата на администрацијата и општеството“, рече министерот Маричиќ.