Пожарот во Кочани е локализиран благодарение на професионалноста на пожарникарите, на помошта која стига од целата држава и на солидарноста на граѓаните, изјави премиерот Заев вечерва по неговата итна посета на Кочани, откако во близина на градот се разгоре пожар кој доведе во опасност десетици куќи во приградските населби.
„Системот функционира. Во текот на целиот ден безбедноста на граѓаните ни беше на прво место и до овој момент немаме лица со изгореници.Остануваме со министерот Филипче во Кочани цела ноќ, а во кумановско се веќе вицепремиерот Николовски и министерот Спасовски“, информираше премиерот вечерва од Кочани.
Тој упати благодарност до граѓаните што помагаат и до претставниците на медиумите што известуваат навремено, точно и одговорно.
„Утре наутро очекуваме помош од соседите, претседателот Пендаровски се слушна со претседателот на Бугарија Радев, а јас се чув со претседателот на Србија Вучиќ и со премиерот на Бугарија Јанев.
Будно ја следиме состојбата, нема паника, ситуацијата е под контрола, поголем дел од пожарите се локализирани. Апелирам за одговорно споделување точни информации од страна на граѓаните преку социјалните мрежи и преку медиумите. Безбедноста на луѓето на прво место“, порача премиерот Заев.