ПОЖАРИ И АКЦИЈА
Се уште е активен пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани информираат дека е голема веројатноста од поврзување со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.
Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.
За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.
ТРИБИНА ВО РАМКИ НА 20 ГОДИНИ ОД ОРД
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, во 11 часот ќе присуствува на Трибината организирана од страна на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во рамките на 20 годишнината на Охридскиот Договор.
МУЛТИКУЛТУРНО ЛЕТО
Музичка младина на Македонија го организира проектот „Етно Македонија“ во кој ќе учествуваат музичари од шест држави што ќе се одржи од 3 до 9 август во Струга.
ВРЕМЕ
Продолжуваат екстремно високите температури во Северна Македонија. До четврток ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување












