Во земјава и понатаму се активни дел од пожарите, домашните и странските екипи за гаснење пожари се постојано на терен, бројките со новозаболени од КОВИД -19 секојдневно растат, новите рестриктивни мерки ќе стапат на сила кон средината на месецот, владата работи на финансиска поддршка на инвестициите за поттикнување економски раст и развој.
ЕКОНОМИЈА Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ВО 11,30 часот ќе одржи прес конференција во врска со измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Целта на измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите е забрзано поттикнување на економскиот раст и развој преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата и на вработувањата.
КОВИД-19 Во очекување на стапувањето во сила на новите рестриктивни мерки кон средината на месецов, бројот на заболени од Ковид-19 секојдневно расте. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје при направени 6.383 тестирања, регистрирани се 398 нови случаи со Ковид-19, 18 оздравени пациенти и четворица починати.
Одлуката за воведувањето на новите рестриктивни мерки ја донесе Владата на завчерашната седница со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и забрзано да не се полнат болниците низ земјава.
Во есенските месеци се очекува ризик факторите да се зголемат, поради тоа што поголема бројка ќе биде назад на работните места и ќе се организираат повеќе настани на затворено. Потсети дека има сосем доволно количини на вакцини и апелираше до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствениот механизам за постигнување колективен имунитет, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Договорено е сите пациенти кои имаат потреба да се лекуваат болнички од болницата во Тетово да се праќаат во Скопје, затоа штo ќе се отвори вториот кат на Инфективната клиника.
Тој апелираше до раководителите на сите институции и државни и приватни да ги мотивираат своите вработени, посебно тие институции кои работат со голем број луѓе тие вработени да се вакцинираат.
Во врска со опфатот со вакцинацијата на наставниците, Филипче истакна дека засега е околу 60 проценти.
ПОЖАРИ Според податоците на Центарот за управување со кризи, до 19 часот на територијата на државата се активни десетина пожари и тоа кај делчевското село Разловци, над пехчевското село Будинарци, кај штипско Драгоево, кај светиниколско Богословец и кај Богословски рид , над скопските села Раовиќ и Буковиќ, близу во Катланово кај Дивље и Крушје, на планината Китка, кај крушевското село Светомитрани, на две локации во прилепско – кај селата Дрен и Смолане и кај Топлица и кај кумановско Романовце. Дел од пожарите се локализирани или се под контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, евроaмбасадорот Дејвид Гир, австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вршителите на должности на амбасадите на Словенија и на Бугарија, како и офицерот за врски на ЕУ од Брисел, Ради Хифнави ќе присуствуваат на настанот во кампот на австрискиот тим за гасење пожари во Пехчево.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување












