ЛАЖНИ ВЕСТИ Портпаролот на Владата ја демантира лажната вест објавена на порталите Република, Инфомакс и Експрес дека наводно вечерва пристигнале првите граѓани локално население од Авганистан во Македонија. Сѐ уште нема пристигни лица, ситуацијата на аеродромот во Кабул е неизвесна. Дезинформациите служат за манипулација на граѓаните.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ Од денеска стапува во сила новиот Закон за заштита на личните податоци, донесен во февруари годинава, кој беше со одложена примена за да им се даде можност на компаниите и институциите во земјата да се прилагодат на промените. Со примената на овој Закон се изврши усогласување со Општата регулатива за заштита на личните податоци 2016/679 на Европскиот парламент и на Советот од 27 април 2016 година за заштита на физички лица во поглед на обработката на лични податоци.
ПОПИС Не сме институцијата што може да каже дека се одложува или не пописот. Ние имаме Закон за попис и единствена институција што може да каже такво нешто е Собранието, каде што треба да се направи измена на законот, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
ИЗБИРАЧКИ СПИСОК Во првите два дена од увидот на 21 и 22 август во подрачните единици и канцеларии на Комисијата увид во Избрачкиот список направиле 821 граѓанин, а од нив само еден поднел барање за запишување во Неготино. Во меѓувреме, излегоа и првите извештаи за неправилности во списокот.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, ИНТЕГРИТЕТ ИЛИ ПАРТИСКА ПОЛИТИКА? Локалните избори и процесот на изборните реформи е исклучително важна тема за јавниот интерес, на која ЦИВИЛ посветува посебно внимание. За ЦИВИЛ Медиа, аналитичарот Александар Николиќ Писарев опширно пишува за овие процеси во пресрет на локалните избори. Тој разговара со повеќе ексклузивни соговорници, меѓу кои се и поранешниот министер за локална самоуправа, Ризван Сулејмани, поранешниот заменик министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, актуелниот градоначалник на Велес и член на Управниот одбор на ЗЕЛС, Аце Коцевски и поранешниот градоначалник на најголемата скопска општина Карпош, Стевче Јакимовски. Опширната анализа на Писарев „Како ќе се регрутира нова локална власт: Лепачи на плакати или луѓе со интегритет’’ ќе биде објавена на ЦИВИЛ Медиа точно напладне.
ПОВЛЕКУВАЊЕ НА САД ОД АВГАНИСТАН Новата анализа на Љубомир Костовски „Лидерите на големите сили и војните во странство’’ на Цивил Медиа во 11 часот – Бајден е еден од ретките политичари чии војници биле ангажирани во странство, а кој повлекувањето го направи консеквентно и со јасна политичка одлука. Немаше криење зад флоскули од типот „Америка прво“. Прашањето е дали сега тој може да стане новиот Де Гол и да отвори нови перспективи за светот. Имено, по повлекувањето од Алжир, францускиот генерал ја отвори идејата за Европската унија. На светот му требаат лидери кои ќе отвораат општ напредок на сметка на застарените методи.
Д. Мишев












