ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Извршниот одбор на СДСМ доцна синоќа утврди уште неколку нови кандидати за градоначалници, кои, како што се наведува во партиското соопштение, ќе бидат објавени во текот на денешниот ден.
Сите утврдени кандидати се дел од најдобрата понуда на СДСМ за локалните избори. Како што веќе најави, СДСМ во фази ја објавува победничка понуда со која излегува пред граѓаните како фаворит на локалните избори.
АУТИЗАМ: Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) денеска организира онлајн меѓународна конференција на тема „Лицата со аутизам во центарот на вниманието – поддршка преку индивидуално насочено планирање“.
Целта на конференцијата е да се промовира методологијата за индивидуално насочено планирање прилагодена за лица со аутизам, развиена како клучен резултат од работата на Autism_PCP меѓународниот конзорциум во изминативе три години.
ПОПИС: Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите трае уште денеска. Сите заинтересирани кандидати за реонски попишувачи можат да се пријават на онлајн апликацијата достапна на www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk.
СОРАБОТКА: Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Косово и на средба со косовската министерка за правда Албулена Хаџиу ќе потпише договор за заемна правна помош во граѓанските предмети. Помеѓу двете држави постојат тесни економски, политички, културни и други врски, поради кои е потребно олеснување на постапките пред институциите на двете држави.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












