ВЕСТ НА ДЕНОТ
Шекеринска: Епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно регионалното заедништво
Епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно да се продлабочи регионалното заедништво, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната церемонија на предавање на претседателството со Процесот на министерска соработка во одбраната во Југоисточна Европа и на одбележувањето на 22-годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
На настанот што се одржа во Куманово, а на кој присуствуваат високи претставници од Бугарија, Албанија, Грција, Романија и Турција, министерката Шекеринска порача дека процесот на министерска соработка е одличен форум за регионален дијалог и безбедносна соработка и модел за градење на добри односи меѓу соседите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Зошто се опредилвме за поголема бројка од некои поголеми држави? Зашто веројатно имаме поголемо срце, зашто сме повеќе луѓе, зашто живееме во регион кој трпел конфликти, пател и знае што е солидарност, И еден човек да спасисме, мислам дека го спасуваме светот. Ние се јавивме и се понудивме заедно со стратешките партерни да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредност“, рече премиерот Зоран Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНФРАСТРУКТУРА Претседателот на Владата Зоран Заев заедно со првиот заменик–премиер Артан Груби и заменик–претседателот за економски прашања Фатмир Битиќи, ќе направат увид на отпочнувањето на изградбата на мостот „Љубљанска“.
ДИПЛОМАТИЈА Шефот на Грчката дипломатијата Никос Дендиас кон крајот на месецот доаѓа во посета на Северна Македонија, при што ќе се направи и евалуација на спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор, а ќе се разговара и за поддршката на Атина во однос на нашата евроинтеграција, најави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
ПОПИС Подготвителните активности за Пописот на населението, домаќинствата и становите се целосно завршени и Државниот завод за статистика информира дека е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција, што по речиси 20 години е предвидено да се спроведе во земјава од 5 до 30 септември годинава.
УПИС На факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во прва година додипломски студии во учебната 2021/2022 година се слободни вкупно 10 678 места.
ВАКЦИНАЦИЈА Министерството за здравство информира дека од денеска почнува вакцинација во малата сала на A1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.
МЕРКИ Македонските државјани кои ќе се затекнат на граница од 1 септември натаму, а не се вацинирани или немаат ПЦР – тест ќе мора да одат во седумдневна изолација, но властите најавуваат дека би можело повторно да се разгледа оваа мерка.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Активистот Бленди Ходаи со видео порака во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“, истакна дека Сојузот на средношколци ги обедини учениците без оглед на етничката, културната или верска припадност.
-Личен пример што го илустрира моето искуство во однос на почитувањето на различните култури и етнички и религиозни заедници што живеат во нашата земја, е токму примерот што јас и многу други студенти сме работеле од 2017 година, бидејќи сум претседател и основач на Унијата на средношколци, каде што ги обединивме сите студенти без оглед на етничката, културната или верска припадност.
ЦИВИЛ отвори повик за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Повикот ќе биде отворен до 30 септември 2021 година, но на заинтересираните им се препорачува да се пријават што поскоро. ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА.
МОНИТОРИН НА ЦИВИЛ
Член на Левица со закани кон активистот и новинар Сарачини: „Црнa дупко, уште малку ти остана“
Иван Јовановски, член на партијата Левица, му се заканува на новинарот, активист и член на ЦИВИЛ, Петрит Сарачини дека уште малку му остана, нема кај да се скрие.
„Петрите црнa дупко, кај ќе се пикаш бе глушец, уште малку, уште трошка, дали ти е јасно дека нема да има кај да се пикнеш. Него ако, истури се, олесни се, нека, уште малце“, гласи заканата на Јовановски.
Членот на Левица, Јовановски оваа закана ја испрати преку видео порака на Фејсбук групата „Министерство за акумулирање и анализирање“ која е отворена пред неколку месеци, а каде има цела низа постови и коментари со навреди, говор на омраза и закани кон Сарачини.
Не запираат лажните вести за пристигањето на првите бегалци од Авганистан
Во морето дезинформации и лажни вести за пристигањето на цивилно локално население од Авганистан што се чеесто проследени со говор на омраза, а за кои и предходно информираше Цивил Медиа, денес се приклучи и порталот без импресум МКДенес. На нивната страна е објавена лажна вест ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО: Заев свечено ќе пречекува 780 Авганистанци.
АНАЛИЗИ
„Колумната на универзитетскиот професор Венко Андоновски, објавена во „Нова Македонија“ на 24.08.2021, содржи повеќе дезинформации и манипулации, кокетира со теориите на заговор, и се обидува да ја претстави борбата против говорот на омраза, кој е кривично дело не само во нашата земја туку и во големо мнозинство на развиените демократии – како борба против слободата на говор и изразување“, пишува Жарко Трајановски во анализата „Професорот и колумнист Венко Андоновски со оправдување за говорот на омраза?“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„На локалните избори не се гласа за партии, туку за луѓе. Не е важно кој е претседател, премиер, министер… Не е важна партиската припадност или неприпадност на тој кој се бира. Важна е способноста на избраните да ги слушнат граѓаните, да ги разберат нивните потреби и да изнајдат најдобри можни начини за нивно задоволување.
Кога ќе се разбере тоа, локалната власт ќе го добие своето место во структурирањето на власта во државата и ќе стане власт за граѓаните, а не за партиите“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „За локалните избори“.
Д. Муратов












