Премиерот Зоран Заев, во писмено обраќање до јавноста и до претставниците на медиумите, вели дека поднесените оставки по несреќата во ковид-центарот во Тетово ги разбира како висок морален и етички чин, и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи, пренесува државната новинска агенција, МИА.
„Огромни се тагата и жалоста низ кои минуваме овие денови заедно со семејствата и блиските на загинатите при несреќата во тетовскиот ковид-центар. Веќе трет ден сведочиме дека трагедијата која се случи на 30-годишнината од денот на независноста ги покрена на највисоко ниво солидарноста кај граѓаните, респонзивноста на институциите и одговорноста на политичарите. Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија“ – изјави Заев.
Во писменото обраќање, Заев ја уверува јавноста дека одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки. Тој апелира сите да останат фокусирани на истрагата и на фактите.