Во интервјуто за ЦИВИЛ Прес студио, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Весна Бендевска, информираше за претставка на лице со физичка попреченост, кое се пожалило до Комисијата дека подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, каде граѓаните можеа да дадат потпис за независни кандидатури, била апсолутно непристапна за лицата со попреченост.
„Ние веднаш, истиот ден извршивме увид и констатиравме дека приодот до таа подрачна канцеларија е 60-тина скалички тесни и стрмни и еден многу стрмен пат кој води пред градинка. Дури и да се искачи по тој стрмен пат кој води пред градинката, лицето не може да влезе бидејќи влезот во бараката е три скали подигнат“, информираше Бендевска во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
Бендевска вели дека службеничката на ДИК им објаснила на претставниците на КСЗД дека нема право да ја изнесува книгата за потписи пред објектот за да му го оствари правото на лицето.
„Имавме интересна ситуација, претседателот на Државната изборна комисија одби да прифати дека е непристапна канцеларијата, ја префрли вината на општината што таму ја лоцирала канцеларијата, но од тој момент дозволи книгите да се изнесуваат надвор во случај кога лица со попреченост сакаат да се потпишат“, раскажува Бендевска во интервјуто.
Петрит Сарачини