„Да не беше граѓанскиот сектор, државата немаше да дознае дека имаме бегалска криза. Но, ја туркавме работата до онаа точка каде што законот требаше да се имплементира за доброто на тие страдалници, бегалци. Законот успеале да го имплементираат дури тогаш кога возовите земаа многу жртви, кога во Македонија закопавме над 50-60 бегалци, дури тогаш државата сфати дека ние сериозно имаме бегалска криза.
Но, работата на граѓанскиот сектор би ја претставила низ работата на ЦИВИЛ, низ годините растеле како организација и откако созреале, пред неколку години работно ме посетиле во Велес, и седејќи и разговарајќи почнаа да ме прашуваат како се снаоѓам, што правам, како го менаџирам сето тоа со работата со бегалците… и кога почнав да им објаснувам дека се е тоа толку ниско и мизерно, дека потребно ми беше да ги собирам и пластичните шишиња за да ги полнам со вода и да им ги давам на луѓето, ЦИВИЛ тогаш како да заборавија за што дојдоа работно кај мене. Ги насолзија очите Петрит и Џабир, само се брцнаа во џебовите и ги извадија парите, ситно што имаа дента за ручек во Велес, ми ги дадоа и ми рекоа „ајде оди купи вода за бегалците“. Ете тоа беше граѓанскиот сектор, тоа беше ЦИВИЛ.“, изјави активистката и хуманистка Ленче Здравкин, на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“, на одбележувањето на 20 годишнината на ЦИВИЛ.