Политичкиот договор за влегување на партијата Алтернатива во Владата што го објавија премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши беше во фокус на интересот на медиумите. Дел од нив објавија неточни информации за бројот на министерствата и ресорите што ги доби новиот партнер во владиното мнозинство.
Во изјавата пред медиумите на премиерот Заев и претседателот на Алтернатива Гаши на 5 декември, премиерот Заев го изјави следното:
„Дел од овој значаен политички договор е дека Алтернатива ќе превземе одговорности преку нивно учество во менаџирање на неколку министерства и институции. Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи министер за здравство, министер за информатичко општество и администрација, и министер без ресор, задолжен за дијаспората. Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици…“ (10.33-11.05 Видео стрим, Официјална ФБ страница на Заев)
Но, по изјавата, повеќе медиуми објавија вест дека Алтернатива доби три министерства, дека влегува во влада со три министерства, или дека ќе води и раководи три министерства.
Таков е случајот со насловот на Вечер: „Алтернатива ќе води три министерства, ќе има три заменици-министри и повеќе директорски позиции во државни институции“. Република објави наслов: „Алтернатива ќе добие три министерства, три заменици министри, но и Фонд за здравство, Мепсо, Железници… “,Нова Македонија напиша „Алтернатива ќе раководи со три министерства“. Р.С. Европа објави содржина со наслов: „Алтернатива доби три министерства – за ВМРО ДПМНЕ Заев плаќа за да остане на власт“, а Слободен Печат напиша: Три министерства, три заменички места и уште 40 функции: што добива Алтернатива со влезот во власта.
Дел од медиумите кои објавија неточни наслови, ја увидоа грешката и се коригираа: Слободен Печат насловот Алтернатива влегува во Влада со три министерства го промени во: „Алтернатива влегува во Влада со три министерски места“. Нова ТВ го смени насловот Заев: Алтернатива добива три министерства, мнозинството е стабилно во: „Заев: Алтернатива добива три министри, мнозинството е стабилно“. ТВ 21 насловот Алтернатива ќе раководи со три министерства меѓу кои и здравство; Заев: Постигнавме вреден договор за справување со предизвиците, го промени во: „Алтернатива ќе раководи со министерството за здравство; Заев: Постигнавме вреден договор за справување со предизвиците“.
Дел од медиумите, пак, ги избришаа неточните текстови: Таков случај е со Сител и содржината Алтернатива добива три министерства, Заев ги соопшти кадровските решенија.
Всушност, со политичкиот договор Алтернатива доби две министерства и еден министер без ресор, кој ќе биде задолжен за дијаспората. Три министерски позиции, но две министерства. Во Владата сега има вкупно 16 министерства, а Министерство за дијаспора – нема.
Ги издвоивме овие неточни информации затоа што беа бројни, а и затоа што дел од медиумите се обидоа да ја однесат приказната повторно во насока на меѓуетнички пребројувања и тензии. Токму затоа, и медиумите и публиката треба да го зголемат вниманието, затоа што опасните манипулации честопати се кријат и зад навидум банални и ненамерни грешки.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски