ВЕСТ НА ДЕНОТ:
Петков: Ќе престанеме со попречувањето на патот на Северна Македонија кон ЕУ
Новата бугарска влада составена од министри од четири партии, предводена од Кирил Петков, ќе ѝ предложи на Северна Македонија нов процес, во многу ограничен временски период од шест месеци, за да се одблокира нејзиниот пат кон ЕУ. Тоа ќе подразбира формирање неколку работни групи.
„Ќе престанеме со попречувањето на Северна Македонија за членството во ЕУ“, рече Петков во интервју за „Фајненшел Тајмс“, пренесува бугарската бТВ.
Новиот бугарски премиер исто така рече дека Бугарија повеќе нема да биде „лошото дете“ во ЕУ и нАТО.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Организираниот криминал не познава граници, ниту визи, државјанства, етничка припадност, ниту пак постојат правила на делување. Затоа, само со воспоставување правна рамка за остварување на меѓународната соработка помеѓу полициските служби и јавните обвинителства во земјите од Европа, може цврсто да се застане на патот на организираниот криминал“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на првиот Регионален состанок за градење стратегии за превенција и борба против организираниот криминал во земјите од Југоисточна Европа, што е во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во нашата земја.
*
„Не може да се откажеме од земји кои вложиле напори и да им кажеме „имавте проблем со Грција, а сега и со Бугарија“. На Скопје треба да му се даде сигнал и да ги почне преговорите со ЕУ“, смета поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо.
АНАЛИЗА
Анализа на спроведувањето на пописот: И бојкотирачите се изброени
ЦИВИЛ, како дел од своето мониторирање на целокупниот процес на пописот, спроведе анкета со неколку прашања до претставници од невладиниот сектор и граѓанското општество.
Прашањата беа внимателно составени од тимот за мониторирање на пописот, имајќи го предвид целокупниот склоп на околностите под кои се спроведе статистичката операција, како што е комбинираниот метод, содржината на прашањата, кампањата од одредени политички структури за бојкот на пописот, почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19, итн. На прашањата има 219 одговори.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМСКИ МЕРКИ Владата донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
ПРЕВЕНЦИЈА Денеска на плоштад Македонија во Скопје, СВР Скопје-Одделение за превенција и Црвениот крст на град Скопје организираа показна вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства, а во која се презентираа ризиците од употреба на пиротехника, со цел да се влијае на свеста на граѓаните да не ги употребуваат овие средства.
КОАЛИЦИЈА Раководството на ЛДП, претседателот Горан Милевски, потпретседателите Моника Зајкова, Игор Велјановски и генералниот сектретар Боби Мојсоски, на одржаната работна средба со раковoдството на СДСМ, односно со новиот претседател Димитар Ковачевски, генералниот секретар Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев ги договориле програмските политики важни за либералдемократите во делот на економијата, екологијата и изборните реформи.
Добитници на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2021 година за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на Република Северна Македонија се: Томислав Кежаровски, Тошо Филиповски, Аделина Марку и Марјанчо Николовски.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Претпоставувам дека не сум единствениот кој ги памти прославите во СДСМ кога се избра Никола Груевски за наследник на Љубчо Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше во длабока, разновидна криза, а на Груевски – дури и меѓу многумина, ако не и повеќето, кои конгресно го гласаа во неговата партија – се гледаше само како на привремен „грејач“ на фотелјата, додека Георгиевски не реши да се врати на партиското кормило. Со таков нов лидер на опозицијата, тогашното СДСМ беше убедено дека ќе владее уште стотина години. „Господ да го поживее!“, беше најсериозниот политички коментар на неговите идеолошки опоненти…“, пишува Сашо Орданоски во колумната „ВМРО-ДПМНЕ го потценува Ковачевски, што може скапо да ги чини“.
„ЕУ се соочува со сериозни предизвици обидувајќи се да изнјаде избалансиран пристап за да се постави некаква рамнотежа меѓу апетитите и стремежите на националистите и натамошното продлабочување на европската соработка. Бугарија максимално ја користи и злоупотребува таквата нерешетилност на Брисел, терајќи ја упорно водата на својата воденица. Европското „единство во различностите“ за Софија е само здодевна приказна.
Со цел да се создаде посилно европско заедништво, францускиот претседател Макрон сака да спроведе голема трансмисија на власта и политичката моќ од земјите-членки кон ЕУ. Но националистите не се посебно воодушевни ниту со ЕУ, ниту пак со создавањето на европски идентитет, и влечат во спротивна насока, оддалечувајќи се од јадрото на соработката“, пишува Ивица Челиковиќ во колумната „Бугарски историски гнилеж и ЕУ“.
Д. Муратов












