„Едно општество за сите, сегашност и перспективи“
Каква е состојбата со спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“? Каде има напредок, кои се слабостите? Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за претстојната година? Беа дел од прашањата на кои денеска се дискутираше на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“ како дел од годишната Конференција „Перспективи 2022“.
Учесници на панелот беа Роберт Алаѓозовски – национален координатор за интеркултурализам и Едно општество, Џелал Хоџиќ – заменик директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Ели Чакар – државен советник во Министерството за локална самоуправа, Марина Тунева – извршна директорка на СЕММ и експерт, Лулзим Хазири – извршен директор на граѓанската организација АДИ од Гостивар, и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ.
На панелот преку видео обраќања и специјални интервјуа на оваа тема учествуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пендаровски: Почитувањето на разликите ја враќа вербата едни во други, а владеењето на правото, ја враќа вербата во институциите
„Почитувани пријатели, создавањето на демократско, отворено и правично општество, во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреден, никогаш не било лесна задача. Од самите почетоци, знаевме дека за независна и демократска држава, ќе бидат потребни многу напори. Во изминатите триесет години поминавме неколку премрежија. Но, вербата во која можеме да создадеме општество во која разликите ќе се почитуваат, не ја губевме и во најтешките времиња. Македонското општество е заеднички дом на различни заедници, а нивните верски, јазични и културни специфики создаваат мозаик, во кој сите делови се еднакво важни за убавината на целината. Идентитетските разлики, треба не само да се почитуваат, туку и да се пренесуваат на помладите генерации кои допрва учат за фундаментите на политичка заедница. Почитувањето на разликите ја враќа вербата едни во други, а владеењето на правото, ја враќа вербата во институциите. Како држава која сака да биде европска демократија, како потписници на сите релевантни меѓународни документи за почитување на човековите права, имаме и правна, но и морална обврска да го почитуваме вроденото достоинство и еднаквост на секој човек. Од тоа достоинство, произлегуваат- правото на живот, слобода, лична безбедност, еднаквост пред законите. Социјалните, економските и културните права, се дел од неотуѓивите човекови праваи слободи, кои се во основата на зрелите демократии. Државата има обврска да се грижи за унапредување на правата на сите нејзини граѓани, а посебна обврска има да ги заштити најранливите категории. Не смееме да дозволиме структурна дискриминација и нееднаквост, бидејќи тоа ќе ги поништи напорите на сите поединци со добра волја, а таквите се големо мнозинство.“, изјави претседателот Стево Пендаровски на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КАЗНА Инспекторатот за животна средина на Град Скопје во рамки на новите заложби на Град Скопје за зголемена контрола и инспекциски надзори со цел заштита на животната околина и здравјето на граѓаните, во процесот на засилени контроли за фрлање на отпад во Вардариште издаде прекршочен паричен налог и парична казна од 88 илјади евра, соопштија денеска од Град Скопје.
ПОСЕТА Претседателот Стево Пендаровски утрово пристигна во Приштина во официјална посета на Косово, каде беше пречекан со највисоки државни и воени почести од неговата косовска колешка Вјоса Османи-Садриу. По официјалниот пречек, Пендаровски и Османи-Садриу одржаа тет-а-тет средба, по што се одржа пленарен состанок на делегациите на двете земји.
ПРАВДА Судењето за случајот „Шпански скали” се одложува за 18 јануари 2022 година поради повреда на првобвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска на почетокот на денешното рочиште, информираше дека одбраната на Јанакиевски доставила оригинален документ од медицински преглед од 13.12.2021 година во „Аџибадем Систина”.
ЕКОНОМИЈА Денарот е стабилен. Да бидеме внимателни со шпекулациите за девизниот курс на денарот затоа што тие не му користат никому. Народната банка има доволно инструменти да го заштити денарот, порача денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Имаме фиксен девизен курс, имаме доволно девизни резерви во Народната банка и во досегашниот период сме дале доволно факти дека по секоја цена ќе се заштити девизниот курс на денарот. Тоа е основата на нашиот економски модел, на нашиот монетарен систем и тука нема дилеми, истакна Бесими, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата.
ИМУНИЗАЦИЈА Заклучно со 14 декември, вкупно се вакцинирани 838.987 граѓани, ревакцинирани се 810.990, а трета доза примиле 86.266 граѓани. Вкупно аплицирани се 1.736.243 дози вакцини, соопштија од Министерството за здравство.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За тој евро-интегративен живот станува збор, што не можете да го игнорирате, а барем повремено го уживате, и покрај сите умислени, лажливи, игнорантски, самозадоволни шупци од Европската Унија кои со години неуморно и упорно настојуваат да ни ја уназадат нашата и овдешната перспектива на нашите деца, до таму што, почесто одошто не, се прашувате што ќе ни е целото понижување и константно потценување за да нѐ примат во нивниот морално распаднат и неправеден, наводно „ексклузивен клуб“ на нации?! … А, потоа, одвреме-навреме, макар и поретко одошто ние би сакале, ќе проблесне некој добар европски проект или фонд, некоја идеја, инвестиција, некаква искрена помош со која сакаат да нѐ оправат во области во кои ние ни со гол газ не би ја погодиле водата дури и ако среде езеро случајно паднеме во неа.“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Нашите мили Европејски шупци!“.
Д. Тахири












