ВЕСТ НА ДЕНОТ
Битиќи: Цената на електричната енергија и по 1 јануари ќе биде најниска во регионот
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за толку колку што тврдат некои од медиумите и порачува дека и тогаш ќе биде најниска во регионот.
-Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или, пак, поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Ние како што докажавме на 1 јули и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
Националниот координатор за интеркултурализам и едно општество за сите, Роберт Алаѓозовски на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“, истакна дека Стратегијата „Едно општество за сите“, и покрај огромните предизвици, е жива и функционира.
На панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“, која се одржа на 15 декември 2021 како дел од годинешното издание Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, преку специјално интервју на оваа тема учествуваше и министерката за образование и наука во Владата на Северна Македонија, Мила Царовска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СТРУЈА Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека останува на ставот дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.
Во годишниот извештај на Репортери без граници (РСФ) се наведува дека 488 медиумски работници ширум светот се во затвор.
Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денеска ја одржа првата седница на новиот состав со која претседаваше националниот координатор Златко Апостолоски.
МОН Министерката за образование и наука Мила Царовска е задоволна од спроведувањето на новата Концепција за основно образование, која почна да се применува од почетокот на учебната 2021/2022 година во прво и во четврто одделение, според нови наставни програми изработени од Бирото за развој на образованието (БРО).
ЗДРАВСТВО „Не станува збор за приватизирање на брзата помош, тоа е политички спин. Во Законот јасно пишува дека итната медицинска помош може да ја врши само јавно-здравствена установа, вели министерот за здравство, Венко Филипче. Во изјава за Слободен печат, Филипче посочи дека покрај јавно здравствената установа, итната медицинска и стоматолошка помош ја прават и приватните установи „Неуромедика“, „Жан Митрев Клиник“, а со транспорт сега започнува и „Никоб“.
АА Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Aрбен Таравар, најави повлекување од високата партиска функција, поврзувајќи ја со лошиот резултат на партијата на неодамнешните локални избори. Додека лидерот на партијата Зијадин Села ќе понуди оставка од лидерската функција.
ГРАД СКОПЈЕ Стопиран е тендерот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит (БРТ) кој беше објавен на страната на Европската банка за обнова и развој. Градоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата најави дека нема да го продолжи проектот на нејзиниот претходник, а сега тој и официјално е прекинат, пишува СДК.
МВР Сообраќајни полицајци успеале да откријат и запленат над 26 илјади парчиња пиротехника утринава на наплатна станица за патарина кај тетовско Желино. Пиротехниката била најдена кај 53 годишен жител на Скопје, кој е приведен.
Лидерите на ЕУ денеска, на нивниот последен состанок годинава во Брисел, ќе разговараат за пандемијата, цените на енергијата и за безбедносни прашања. Главна тема ќе биде борбата против Ковид-19. Учесниците најверојатно ќе разговараат за можноста за воведување задолжителна имунизација, но не се очекува да се донесат одлуки.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во суштина, сите етнички заедници се еднакви – сите ги плаќаат апетитите на своите политички претставници.
Од друга страна, иако националистите сакаат да веруваат и да постапуваат поинаку, човековите права имаат едно силно „антинационалистичко својство“.
Не може никој да го даде тоа што веќе им припаѓа на сите, а тоа се човековите права и слободи. Тоа е така според Уставот, законите и меѓународното право. Нема ништо поедноставно од тоа, само треба да се следи словото на законите и принципите на недискриминација. Но тоа е неспоредливо полесно да се каже, отколку да се спроведе!“, пишува Џабир Дерала во колумната „Чудовиштето на национализмот“.












