Ги спроведуваме своите надлежности врз основа на прибирани податоци, информации и документи од надлежни институции, без намера „замајување на јавноста“ или „намера да и се наштети на нечија личност“, соопшти Антикорупциската комисија во врска со реакција од семејството на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата, за одлуката која Комисијата ја донесе вчера на седница по предмет оформен по сопствена иницијатива за проверка на вистинитоста на податоците од Анкетниот лист и Изјавата од интереси.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во соопштението наведува дека според член 17 став 5 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, има надлежност да покренува иницијатива пред Jавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење за предметите во кои постои сомневање за можни злоупотреби.
– Поради тајноста на постапката во конкретниот случај, ДКСК не е во можност да ги објави бараните информации, a целокупната документација ќе ја достави до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, која е надлежна мериторно да одлучи, соопшти ДКСК./ МИА