Русија во моментов не знае како да се однесува, доведена е во ситуација како да е „слон во дуќан за стаклени производи“ и се плаши дека ќе предизвика некаков неред со секое движење или чекор, вели новинарот и аналитичар Александар Николиќ Писарев, на панел дискусијата на ЦИВИЛ, на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“, како дел од серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“, одржана на 09 февруари 2022 година. Тој додава дека руско-украинската кризата ќе потрае и како најголем оптимист прогнозира дека тие преговори да завршат некаде до Божиќ.
Луѓето деновиве ме прашуваат – кога ќе заврши оваа криза? Не можеме да очекуваме веднаш да се заврши, со средбата на Макрон и Путин, ова ќе трае, сега ќе има билдање мускули, кој повеќе ќе се испазари. Ако го следевте отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг, имаше една изјава за време на средбата за потпишување на декларацијата помеѓу Путин и Си, имаше една проста проширена реченица, во која се вели дека двете држави ќе се борат за зачувување на политичките и воени придобивки од Втората светска војна. Доколку Путин со оваа реченица мислел, а сметам дека мислел, на зачувување на поделбите, односно на земјите коишто некогаш и припаѓале на руската сфера, тогаш тоа е многу сериозно и опасно бидејќи тука ќе се опфати и Македонија бидејќи била дел од тој социјалистички блок.
Ние сега имаме информации кои доаѓаат од западната алијанса, и од западните партнери, дека Москва одговорила писмено, но дека Кремљ упорно го демантира тоа. Ако кажат дека испратиле, сепак ќе се судри со одредени продемократски структури во самата Русија, коишто ќе прашаат: Шефе, што пишуваше во тоа писмо, дај да видиме, ова сепак не е феудален систем… Првите кои би поставиле такво прашање, се и руските олигарси, кои во оваа цела ситуација се на ивица на ножот, дали ќе изгубат дел од своето богатство, или ќе успеат да го сочуваат.
Руското влијание во Македонија е отсекогаш присутно и силно, тоа го имавме и во серијата парламентарни избори итн., особено на референдумот во 2018 година. Меѓутоа, според она што се пишува, ме загрижува еден друг факт. Ние имавме ден на заштита на интернет, од лажните вести и пропагандата. Тука е многу битно да, а ЦИВИЛ тоа го прави многу успешно и силно, но треба да се направи една многу посилна коалиција против лажните вести и пропагандата, вели Писарев.
Д. Тахири
модератор: Џабир Дерала
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети