„Изјавата на Амбасадорот на Украина во Обединетото Кралство, Вадим Пристаико, во која се вели дека Украина е наводно подготвена да размисли за откажување од аспирациите за членство во НАТО со цел да се избегне војна со Русија, беше извадена од контекст и доведе многумина до заблуда.“, изјави ексклузивно за ЦИВИЛ Медиа портпаролот на украинското МНР Олег Николенко.
„Позицијата на Украина останува непроменета. Со цел да се заштитат мирот и животите на нашите граѓани, Украина е подготвена да се вклучи во какви било дипломатски формати со земји и меѓународни организации. Амбасадорот во исто време правилно посочи во своето интервју дека перспективата за членство во НАТО е запишана во Уставот на Украина. Не може да има одлуки кои би биле во спротивност со Уставот на Украина. Членството на Украина во НАТО несомнено би било најдобрата безбедносна гаранција за нашата земја, но Украина во моментов не е членка на НАТО или на која било друга безбедносна алијанса. Така, поширокото прашање на безбедносните гаранции е критично важно. Безбедносните закани се присутни овде и сега, што ја прави потрагата по такви гаранции фундаментална и итна задача на која во моментов е фокусирана украинската влада.“, посочува Николенко.












