ВЕСТ НА ДЕНОТ
Усвоен извештајот на ЕК за 2021, власта и опозицијата со различни ставови
Со 13 гласа за, ниту еден против или воздржан членовите на Комисијата за европски прашања ги усвоија предлог заклучоците за извештајот за напредокот на земјава од Европската Комисија.
На гласањето му претходеше дебата која често излегуваше надвор од темата, а иако власта и опозицијата имаа различни ставови за справувањето со пандемијата, судството и работата на Собранието, сепак за едно беа обединети – Северна Македонија треба да ги започне преговорите час поскоро. Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека земјава е подотвена, а според него кон процесот за европска интеграција потребен е обединет пристап, објави Канал 5.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„НАТО останува посветено на основните принципи на кои се темели европската безбедност, помеѓу кои дека секоја држава има право да избере свои безбедносни аранжмани. Ја реафирмираме нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници. Како што беше наведено претходно, секоја натамошна руска агресија против Украина ќе донесе огромни последици и ќе има висока цена. НАТО ќе продолжи тесно да се координира со релевантните чинители и други меѓународни организации, вклучително и со ЕУ. НАТО и сојузниците продолжуваат да ги користат дипломатијата и дијалогот со Русија за евроатлантските безбедносни прашања, вклучувајќи и на највисоките нивоа, се вели во усогласената заедничка изјава на НАТО министрите за одбрана.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Врховниот суд на Република Северна Македонија по повод донесената пресуда по предметот за судијата Владимир Панчевски информира дека ja укинал пресудата на Апелацискиот суд Скопје, поради сторени повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка во однос на неодржување на јавна седница пред Апелацискиот суд, иако тоа го барал обвинетиот во изјавената жалба.
ДЕМАНТ Најостро го осудуваме денешниот обид на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение непотребно да ја вознемири јавноста, бомбастично, квази стручно, пласирајќи ја информацијата за појава на птичји грип во земјава и за наводното непреземање мерки, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
ДИПЛОМАТИЈА Министерството за надворешни работи реагира на бројните објавени нецелосни информации поврзани со испраќањето на дипломати во Дипломатско – конзуларните претставништва.
„Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов веќе има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев“, потенцираат од министерството.
КОНФЛИКТ Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба на Твитер објави дека селото Станица во Луганск било гранатирано со тешко оружје од страна на окупираните територии на Донбас, при што е оштетена цивилна инфраструктура.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ Апасиев и неговата дружина шират лаги и дезинформации со злоупотреба на фотографија на обичен граѓанин претставувајќи го како озогласен „инспектор“ кој изрекол казна за сопственик на ресторан во Гевгелија.
СКАНДАЛ Бугарски националистички европратеник Ангел Џамбазки упати нацистички поздрав во пленарната комора на Европскиот парламент во Стразбур во средата (16-ти февруари), што предизвика бес кај европратениците, откако тој зборуваше за време на дебатата за владеењето на правото во Полска и Унгарија, пренесува Еуроњуз.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
На настанот на ЦИВИЛ „Нелегалното оружје и организираниот криминал – се е поврзано“ ( 16 февруари, 2022) стана збор и за родовиот (дис)баланс што се однесува на поседување, употреба и злоупотреба на малото оружје. Дијана Тахири – ЦИВИЛ подвлече дека најголем процент жртви од домашното оружено насилство на глобално ниво, се жени.
Драган Мишев од Цивил, во рамки на настанот „Нелегалното оружје и организираниот криминал“ што се одржа вчера (16 февруари, 2022) зборуваше за појавата „славеничко пукање“ како посебен сегмент тесно поврзан со трговијата со нелегално орушје и организираниот криминал.
Дехран Муратов од ЦИВИЛ, кој беше модератор на панелот “Нелегалното оружје и организираниот криминал: Се е поврзано“, говори за работилниците кои конвертираат пиштоли за звучна и светлосна сигнализација, и за опасноста од истите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Врвот на македонската институционална еднодневна зафрканција е, сепак, резервирана за судството, бидејќи Врховниот суд на Македонија, од процедурални причини, вчера му ја укинала две и пол годишната затворска казна на поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, досудена во случајот „Акмис“. Да бидам искрен, работата почна некако да „заудира“ уште кога пред две недели Панчевски самиот се пријави на капијата на затворот за издржување на казната, оти него можете да го обвините за многу работи, но не и дека е будала. А тој, всушност, знаел нешто што другите допрва го дознаваме. Сега си изгледа уште „погланц“ невин одошто тврдеше неговата одбрана за време на процесот против него. Панчевски толку сакаше да ја испочитува правдата, ама, ете, не му се дава!“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Летечкиот циркус Монти Пајтон, македонска верзија“.
Д. Муратов












