Македонски државјани во моментов не се дел од воените формации и не учествуваат во конфликтите во Источна Украина.
„Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (СНЕ/БПТ) до сега нема добиено и не располага со податоци за тоа дека државјани на Република Северна Македонија се организираат да учествуваат во странска војна, односно да бидат дел од воените формации на Русија или Украина, ниту пак има сознанија дека постојат некакви обиди за регрутација и упатување на наши државјани во тие региони за таа цел“, вели Златко Апостолоски, национален координатор за СНЕ/БПТ за ЦИВИЛ Медиа.
По руското признавање на независноста на Донецк и Луганск, пратеникот на Левица, Борис Крмов, на својот Твитер профил сподели цитат од „Кориоланус“ трагедија на Вилијам Шекспир, во која има повик на војна.
„Нека има војна велам јас: Го засенува мирот како денот ноќта: Таа е бласкаво будна, звучна и полна изблици. Мирот е мртвило летаргија;замаен, глув, сонлив, нечувствителен“ – пишува на Твитер профилот на пратеникот Крмов.
ЦИВИЛ – Центар за слобода како организација за човекови права и слободи и ЦИВИЛ Медиа како дел од медиумската платформа на организацијата будно ги следи актуелните случувања со руско – украинската криза, со редовно известување и анализирање на состојбите, на дневна основа.
Д. Муратов













