Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во видео порака изјави дека жените и децата од Украина кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза, пренесува Укринформ.
„Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници“, рече Зеленски.
Тој рече дека ноќта разговарал со претседателите на Франција и Полска . Според него, такви разговори има секој ден, а интеракцијата е постојана.
„Јас сум неизмерно благодарен на секој од нив, како што сум неизмерно благодарен на (полскиот претседател) Анджеј (Дуда) за неговата одлучност и посветеност на нашата заедничка кауза: заштитата на луѓето. Благодарен сум на сопругата на Анджеј, Агата! Искрено сметам тие се мои пријатели“, рече Зеленски.
Во исто време, тој изрази надеж дека наскоро сите Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната ќе можат да се вратат дома.
„Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да му кажеме на нашиот народ: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други пријателски земји. Вратете се, бидејќи нема повеќе закана“, рече Зеленски.
Д.М.